СЕ РЕКОНСТРУИРА ПАТЕКАТА НА БИТОЛСКО ТУМБЕ КАФЕ, КAЈШТО ПРЕД 110 ГОДИНИ КАФЕ ПИЕЛ СУЛТАНОТ РЕШАД ПЕТТИ

    СЕ РЕКОНСТРУИРА ПАТЕКАТА НА БИТОЛСКО ТУМБЕ КАФЕ, КAЈШТО ПРЕД 110 ГОДИНИ КАФЕ ПИЕЛ  СУЛТАНОТ РЕШАД ПЕТТИВо 1911 година во Тумбе кафе бил организиран и јавен ручек за отоманскиот султан Решад Петти. (Фото: Архивска фотографија)

    Започна реконструкцијата на пешачката патека на Тумбе Кафе, најпознатата битолска рекреативна зона, која повеќе децении е во лоша состојба со дупки по асфалтот и украдени коцки од скалилата. Реконструкцијата на патеката ја врши Општина Битола согласно Програмата за комунални дејности и уредување на градежно земјиште, а зафатот чини 5,3 милиони денари (околу 85.000 евра).

    „Работните активности на Тумбе Кафе летово комплетно ќе ја променат повеќедецениската лоша состојба на патеката по која секојдневно минуваат голем број битолчани за спортски или рекреативни цели. Согласно предвидените рокови за реализација и динамиката на изведба, патеката ќе биде реконструирана најдоцна до крајот на идниот месец (јули). Градежните активности за реконструкција се реализираат во должина од 538 метри“, соопшти Општина Битола.

    Патеката ќе биде реконструирана најдоцна до крајот на јули. (Фото: СДК.МК)

    Тумбе Кафе е рид во јужниот дел на Битола кој, според книгата „Градби“ на хроничарот Александар Стерјовски, уште во 17 век примамувал посетители со својата местоположба и пребујното зеленило. Тумбето никогаш не би станало она што е денес ако не бил вљубеникот во зеленилото и убавината Абдул Керим-паша. Во неговиот зафат за зелено облагородување на градот и околината во 1900 година за таму набавил расади од листопадни дрвја и ги облагородил патеките. Во 1911 година во Тумбе кафе бил организиран и јавен ручек за отоманскиот султан Решад Петти. Тумбето се проширило, се уредил патот, се нивелирило земјиштето. Поради сите тие подготовки, најмногу зашто уживањето станало од висина и ладовина да се пие кафе, ридот се именувал со Домеке со значење серпентини што водат кон врв на рид каде се пие кафе или народски кажано Тумбе Кафе.

    Популарноста особено нараснала по Првата светска војна кога врвулица од посединци и групи во континуитет го посетувале. За него пишувала и белградска „Политика“ во 1920-те години. Подоцна Тумбето се именувало како Кримпашно, Александрово, Симеоново, па Титово и од 1957 година наваму како Тумбе Кафе и станало парк шума. Во социјализмот тука беше една од најпознатите кафеани која ја имаше и во телевизиските реклами, а на која до денес со носталгија се сеќаваат битолчани. Тумбето е едно од најубавите рекреативни катчиња во Битола, кое бара дополнителни вложувања и нови содржини кои секако нема да влијаат врз природната убавина на крајот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира