СЕ САНИРААТ ИСКРШЕНИТЕ ДАСКИ НА ПАТЕКИТЕ ОД МУЗЕЈОТ НА ВОДА ВО ОХРИД

    СЕ САНИРААТ ИСКРШЕНИТЕ ДАСКИ НА ПАТЕКИТЕ ОД МУЗЕЈОТ НА ВОДА ВО ОХРИДПроектот предвидува и замена и зацврстување на сите дотраени и оштетени греди од наколната населба. (Фото: СДК.МК)

    Музеј на вода во Заливот на коските кај Градиште ќе биде безбеден за посетителите. Во тек се активностите за санација на оштетените делови, статичко зајакнување на пристапниот мост и платформата на која се наоѓаат дрвените праисториски куќички направени од кал.

    Проектот предвидува и замена и зацврстување на сите дотраени и оштетени греди од наколната населба, а чини еден милион денари, средства обезбедени од Министерството за култура.

    Според директорот на Завод и Музеј Охрид, Мишко Тутковски со ваквите зафати ќе се обезбедат подобри услови и зголемена безбедност за сите посетители на овој музејски комплекс кој спаѓа во редот на најголемите и најпосетуваните туристички атракции во Охридскиот регион.

    „За оваа година согласно буџетот кој го добивме од Министерството за култура во висина од еден милион денари се преземаат активности за санација и реконструкција на дотраени и оштетени делови од платформата. Најбитна е самата пристапна патека, пристапниот мост кој беше во исклучително лоша состојба. Се врши статичко зајакнување и ќе биде сто отсто безбеден за посетителите. Се санира и оградата, секаде онаму каде што беше искршена, каде има напукнати греди, процепи. Сите тие се заменуваат со нови или старите се приспособуваат за да нема никакви безбедносни проблеми“, вели Тутковски.

    Тутковски за следната година најави активности кои предвидуваат обнова на куќите како и електронски билет-систем со влезни рампи со што, како што рече, ќе се спречи секаква злоупотреба за бројот на посетители во наколното живеалиште.

    Од Завод и Музеј се надеваат дека Мистерството за култура ќе им додели средства за овој проект кој се покажал како успешен и за. локалитетите Стоби и Хераклеа.

    Во текот на летната сезона, Музејот на вода бележи вкупно 31.197 посетители трипати повеќе од минатата година. Според статистиката на Установата вкупно имало 61.645 посетители во сите објекти кои се под нивна надлежност.

    Музејот на вода во Охрид иако најатрактивен за туристите со години се распаѓаше. Расклатени даски на платформата каде на места имаше и видливи процепи и искршена ограда беше сликата на најпосетениот локалитет во Охрид.

    Последен пат музејскиот комплекс кој се отвори во 2008 е реновиран во 2016 кога комплетно се конзервирани колибите од наколната населба.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира