СЕ УРИВА ДИВАТА НАСЕЛБА ПОД ЖЕЛЕЗНИЧКА СТАНИЦА, ГРАД СКОПЈЕ И МВР НАЈАВУВААТ ПАТРОЛИ ЗА ДА НЕ НИКНЕ НОВА

    СЕ УРИВА ДИВАТА НАСЕЛБА ПОД ЖЕЛЕЗНИЧКА СТАНИЦА, ГРАД СКОПЈЕ И МВР НАЈАВУВААТ ПАТРОЛИ ЗА ДА НЕ НИКНЕ НОВАНа семејства кои живееја во импровизираните живеалишта под Железничката станица, Центарот за социјални работи им понуди алтернативно сместување во текот на зимскиот период. (Фото: Град Скопје)

    Град Скопје денеска почна со отстранување на дивата населба под Железничката станица. Во акцијата покрај Инспекторатот на Град Скопје учествуваа и Центарот за социјални работи на Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и ЈП „Улици и патишта“.

    Со механизација се отстранува импровизираното картон-маало формирано на паркиралиштето под Железничка, како и натрупаниот отпад, купиштата пластична амбалажа и стариот мебел што го нагрдуваат овој јавен простор и претставуваат извор на загадување.

    „Со оваа акција во пресрет на сезоната со зголемено загадување се става крај и на огновите на отворено кои често гореа во оваа дива населба и го загадуваа воздухот. На двете семејства кои живееја во импровизираните живеалишта под Железничката станица, без основни хигиенски услови и опкружени со смет, Центарот за социјални работи им понуди алтернативно сместување во текот на зимскиот период“, велат од Град Скопје.

    По отстранувањето на дивата населба, овој јавен простор ќе се расчисти. Во наредниот период комуналните редари од Град Скопје и екипи на МВР ќе вршат чести контроли на оваа јавна површина за да не се дозволи повторно формирање на ваква импровизирана населба под Железничката станица.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира