СЕ ЗАФАТИЈА СКОРО СИТЕ ЗАСАДЕНИ ДРВЈА ВО ПОШУМУВАЊЕ НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ, ПОЛЕВАЊЕТО Е НАЈТЕШКИОТ ДЕЛ 

    СЕ ЗАФАТИЈА СКОРО СИТЕ ЗАСАДЕНИ ДРВЈА ВО ПОШУМУВАЊЕ НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ, ПОЛЕВАЊЕТО Е НАЈТЕШКИОТ ДЕЛ Се монтира хидрантска мрежа, која ќе се користи за наводнување на садниците и за превенција од пожари. (Фото: СДК.МК)

    Од акцијата за пошумување на Езеро Младост изведена кон крајот на ланската година, опстанале најголем дел од новозасадените садници, соопштија од локалната власт. Во овој период, таму се монтира хидрантска мрежа, која ќе се користи за наводнување на садниците и за превенција од пожари.

    „Безмалку 100% од младите садниците, засадени на опожарените површини на езеро Младост се зафатени. Садниците се раззеленети, со добра виталност и добар развој“, констатираа од Општина Велес, по увидот на засадените површини.

    Кон крајот на минатата година, Општина Велес организираше масовна акција за пошумување на опожарените површини околу Езеро Младост, во која беа засадени 13.700 садници. Општина Велес со помош на јавното комунално претпријатие „Дервен“ неделава започна и со монтирање на хидрантска мрежа на пет локации околу Езерото.

    „Мрежата ќе се користи за наводнување на садниците и за превенција од пожари, со цел да се зачуваат садниците засадени во околината на Езерото. Треба да се има предвид дека ни претстои најтешкиот период, садниците да го издржат првиот налет на високите летни температури. Општина Велес во соработка со ‘Дервен’ ќе врши наводнување на подрачјето во текот на летото. Сепак, секоја со љубов засадена садница бара и посветеност од сите нас“, велат од локалната власт.

    Во катастрофалниот пожар што кон крајот на август лани ја зафати околината на Езерото Младост изгореа 169 хектари шума, од вкупно 400 хектари опожарена површина.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира