СЕ ЗАПАЛИ ВЕЛЕШКАТА ДЕПОНИЈА НА ШТИПСКО ЏАДЕ

    СЕ ЗАПАЛИ ВЕЛЕШКАТА ДЕПОНИЈА НА ШТИПСКО ЏАДЕПожарот е веќе локализиран, но гаснењето е отежнато поради составот на запалената маса, а надлежните сметаат дека можна причина за огнот е депонискиот гас (Фото: СДК.МК)

    Утринава околу 10 часот се запали депонијата, каде се одлага сметот кој Јавното комунално претпријатие (ЈКП) „Дервен“ го собира од граѓаните во Велес. Чадот се гледаше до Велес, а интервенираше и противпожарната единица. Надлежните сметаат дека можна причина за огнот е депонискиот гас.

    „Високите температури на воздухот деновиве, како и депонискиот гас што го испушта отпадот на градската депонија, утрово предизвикаа пожар на депонијата, за што веднаш беше известена противпожарната единица од Велес. Беа активирани и вработени од ЈКП ‘Дервен’. Пожарот е веќе локализиран, но самото гаснење е отежнато поради составот на запалената маса. Екипите се на терен и работат на гаснење на пожарот со помош на вода од цистерни и затрупување со земја со помош на булдожери“, велат од „Дервен“.

    Општинскиот инспектор Билјана Манаскова-Шуркова потсетува дека освен скопската депонија Дрисла, сите други во земјава вклучувајќи ј и оваа велешката, не се стандардни и таа повеќе личи на ѓубриште, иако е оградена.

    „На депонијата има депониски гас, кој многу веројатно е можната причина за денешниот пожар. Секоја година ни се случуваат вакви ситуации по неколку пати во лето, поради високите температури. Можно е и човечки фактор да е сторител. Причините ќе ги откријат екипите на СВР Велес и Министерството за животна средина кои се на терен“, рече Манаскова-Шуркова.

    Таа потенцира дека најзагаден амбиенталниот воздух е кога има пожар на депонија. Тогаш се ослободуваат најотровни материи, токсини и фурани, кои имаат канцерогени својства. Ветерот чадот го носи во правец подалеку од Велес, кон Овче Поле. Мерните инструменти на Министерството за животна средина во Велес повеќе од еден месец не ги мерат вредностите на ПМ 10 честичките, оти апаратот е расипан.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира