СЕ ЗАПАЛИЛ ДВОРОТ НА СПОМЕН-КУЌАТА НА ОЗНА ВО ИСТОРИСКОТО ГОРНО ВРАНОВЦИ, ОГНОТ ГО ИЗГАСИЛА ЖИТЕЛКА НА СЕЛОТО

    СЕ ЗАПАЛИЛ ДВОРОТ НА СПОМЕН-КУЌАТА НА ОЗНА ВО ИСТОРИСКОТО ГОРНО ВРАНОВЦИ, ОГНОТ ГО ИЗГАСИЛА ЖИТЕЛКА НА СЕЛОТОСпомен-куќата на ОЗНА е една од петте спомен-куќи и единствена која не е под надлежност на Народниот музеј- Велес, бидејќи е во сопственост на МВР. (Фото: СДК.МК)

    Опожарен е дворот на спомен-куќата на ОЗНА (Оделение за заштита на народот) од бившата заедничка држава Југославија во историското село Горно Врановци, Велешко, соопшти СВР Велес.

    „На 13 август во СВР Велес било пријавено дека околу 7.30 часот настанал пожар во објект на музеј во село Горно Врановци, Општина Чашка. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од жителка на селото“, соопшти Ана Милевска-Ѓеоргиева, портпаролка нa СВР Велес.

    Жител на селото објасни дека утрото неговата мајка забележала задимување од оваа спомен-куќа, го информирала и побрзала да види што се случува.

    „Горела сува трева во дворот од куќата. Таа го изгасила огнот, по што пријавивме во полиција. Нема штета на објектот“, кажа жител на селото.

    Спомен-куќата на ОЗНА е една од петте спомен-куќи и единствена која не е под надлежнсст на Народниот музеј-Велес, бидејќи е во сопственост на МВР. Поради негрижата таа е во лоша состојба. Од МВР пред неколку години кажаа дена во неа не се чува ништо вредно.

    Во селото Горно Врановци, во еден период од Народноослободителната војна (НОВ )од 1944 година, била сместена тогашната извршната власт. Од тука Радио Скопје започнало да ја емитува сопствената програма, а во селската џамија била сместена болницата. Таму се спомен-куќите на главниот штаб на НОВ, Централниот комитет, Президумот на АСНОМ и печатницата на „Нова Македонија” , како и куќата на ОЗНА.

    Спомен-куќите се отворени на 11 октомври 1984 од тогашниот член на претседателството на СФРЈ Лазар Мојсов, кој до ден денешен е единствениот политичар кој досега го има посетено Горно Врановци и спомен-музеите.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира