СЕЧЕЊЕТО ДРВЈА КАЈ „ИНЕКС ГОРИЦА” Е МАСАКР, СМЕТААТ ОД ОХРИД СОС, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕОРГИЕСКИ ВЕЛИ БИЛЕ СТАРИ И ОПАСНИ

    СЕЧЕЊЕТО ДРВЈА КАЈ „ИНЕКС ГОРИЦА” Е МАСАКР, СМЕТААТ ОД ОХРИД СОС, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕОРГИЕСКИ ВЕЛИ БИЛЕ СТАРИ И ОПАСНИОд Охрид СОС велат дека се исечени 20-ина здрави дрвја (Фото: Охрид СОС)

    Охридскиот градоначалник Константин Георгиески вели дека вчерашното сечење дрвја во дворот на хотелот „Инекс Горица”, неодамна преименуван во „Инекс Олгица“, било спроведено врз основа на утврдената состојба од страна на надлежната општинска комисија, со образложение дека биле стари и претставувале опасност по луѓето. Од невладината организација Охрид СОС пак велат дека тоа е масакр.

    „Одделението за заштита и влијание врз животната средина при Општина Охрид на 1 јули 2019 година има донесено решение со кое го задолжува АД за угостителство, трговија и туризам ‘Инекс Олгица‘ во дворното место на хотелот да пресече четири кедари и три бора, врз основа на нивно барање доставено на 7 мај 2019 година. Се работи за стари дрвја за кои Комисијата за преземање на мерки и активности за отстранување на дрвја на подрачјето на Општина Охрид утврдила дека се исушени и не постои можност за нивно успешно ревитализирање. Исто така, утврдено е дека при неповолни временски услови истите дрвја претставуваат опасност по луѓето и материјалните добра”, изјави Георгиески.

    Тој додаде дека на местото на исечените стебла хотелот треба да засади листопадни или зимзелени дрвја.

    „Во согласност со Законот за урбано зеленило, како компензациски мерки на местото на пресечените стебла барателот треба да засади соодветни листопадни или зимзелени дрвја, кои треба да бидат постари од 6 години и нивниот збирен пречник да одговара со пречникот на пресечените дрвја”, вели градоначалникот Георгиески.

    Невладината Охрид СОС има поинакви сознанија за сечењето на дрвјата.

    „Утринава во комплексот ‘Инекс Олгица‘ во Охрид се исечени 20-ина суви, но и здрави зелени стебла на столетни зимзелени дрва. Работници немаат поим ниту дали имаат дозвола, ниту кој ја издал наредбата. Очекуваме надлежни служби да дадат објаснување за овој масакр во најубавиот дел на Охрид”, велат од Охрид СОС.

    Д. ЧУБРИЌ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира