Седум месеци по големото заматување на водата од извориштето Шум, санацијата на теренот над изворот сè уште не е започната. Од ЈП „Водовод и канализација“ Струга велат дека се чекаат насоки од надлежните институции за тоа како треба да се постапи, бидејќи станува збор за сериозен и сложен зафат кој претпријатието не може да го реализира самостојно.
Извориштето Шум е еден од клучните ресурси за водоснабдување на Струга и околните населени места.
„Сè уште се чекаат насоки од надлежните како да се постапи. Ние самите не можеме да го направиме тоа. Потребна е огромна механизација, огромни кубици камен и материјали за да може да се изврши санацијата“, вели директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Јованчо Мечкароски.
Санацијата, според претпријатието, треба да се изведува над изворот, односно над пештерата, каде што се наоѓа извориштето. Целта е да се спречи повторно заматување на водата при обилни врнежи.
Од струшки „Водовод“ велат дека токму големите количества дожд претставуваат ризик за повторување на проблемот, бидејќи водата што се слева кон извориштето може повторно да предизвика заматување ако теренот не биде соодветно саниран и заштитен.
И покрај тоа што санацијата сè уште не е реализирана, од „Водовод“ уверуваат дека од 8 март годинава водата е исправна за пиење. Квалитетот на водата редовно се следи, а лабораториски анализи се прават на секои две недели.
Во февруари, енормно високата матност на водата предизвика сериозни проблеми со водоснабдувањето во Струга и околните населени места. Анализите тогаш покажаа матност од 28,56 NTU, при дозволена вредност од 1,5 NTU, по што беше изречена забрана за користење на водата за пиење.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Струга на 13 февруари отвори предмет за да се испитаат причините за загадувањето и евентуалната кривична одговорност. Неколку дена подоцна, истражните органи во непосредна близина на изворите затекнаа механизација на две правни лица од Велешта, каде што се вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи. Обвинителството побара мерки на претпазливост и забрана за понатамошни активности на локацијата.
Во август, ОВР Струга поднесе кривични пријави против две лица и правно лице од Велешта поради сомневања за повеќе кривични дела, меѓу кои незаконита експлоатација на минерални суровини и загадување на водата за пиење. Според полициските наводи, ископите биле вршени во непосредна близина на изворите и придонеле за загадување и заматување на водата.
Сепак, конечната причина за заматувањето и евентуалната одговорност сè уште треба да ги утврдат надлежните институции во рамките на постапката и вештачењата.
Паралелно со санацијата, се решава и прашањето со законскиот статус на користењето на водата. По инспекцискиот надзор било утврдено дека изворот со години се користел без соодветна дозвола и без целосно воспоставени заштитни зони.
„Не е утврдена заштитна зона од 1 километар околу изворот, што е задолжително и се дели на три заштитни зони: зона од 300 метри од изворот, каде што не треба да се дозволи никакво ископување ниту движење во близина, зона од 600 метри и зона до 1 километар. Оваа зона требало да биде оградена и физички заштитена“, се вели во извештајот.
На ЈП „Водовод и канализација“ му е даден рок до 9 октомври да достави барање за отворање постапка за добивање дозвола за користење на водата. Од претпријатието велат дека постапката ќе биде започната во дадениот рок, со што треба да се уреди и формалниот статус на користењето на изворот.
С. ВРЕНЦОВСКА



