Бебето кое вчера попладне на жегата беше пронајдено во центарот на Велес било во тешка здравствена состојба, а педијатрите со големи ангажирања успеале денеска да го спасат. Бебето го пронашол минувач во близина на Основен суд Велес.
„Околу 16,30 ч. на Одделението за педијатрија е донесено машко доенче, кое според проценките на педијатрите е на седуммесечна возраст. Бебето било во тешка општа здравствена состојба, констатирана e неухранетост, тешко само 4.600 грама, било во фебрилна состојба – со температура, поспано, дехидрирано, со сува кожа и очи, со пролив, со халонирани очи. Поставено е на инфузија, рехидратациона терапија, извршена е корекција на ацидоза, дадена е антибиотска терапија, интензивно опсервирано цела ноќ од страна на дежурен доктор и екипа. Денес бебето е во подобра здравствена состојба, со него е неговата мајка, која вчера дошла, па заминала, а утрово се вратила“, рече Марина Андова, портпаролка на Општа болница Велес.
„На 12 јули во 17.40 часот во СВР Велес, од болница од Велес било пријавено дека од страна на случаен минувач кај нив било донесено бебе, кое било оставено во центарот во Велес. Според докторката, по кратко време во болницата дошла С. К., на околу 20-годишна возраст, и се претставила дека била мајка на бебето, но потоа ја напуштила болницата“, соопшти Биљана Ѓаковска, портпаролка на СВР Велес.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
П. ПЕЧКОВ