Професорот д-р Виктор Фридман од Универзитетот во Чикаго, САД, еден од најголемите американски и светски слависти и македонисти, денеска во Охрид ја прими Светската награда на хуманизмот за 2023 година. Лауреатот кажа дека оваа награда за него има големо значење.
„Ова е голема награда и не очекував такво нешто. Овде почнав како студент пред повеќе од 50 години. Можеби се чуствувам малку старо, но убаво“, кажа Фридман и рече дека македонскиот јазик рече отсекогаш постоел и ќе постои.
„За македонскиот јазик имам зборувано цел живот. Кога почнав не бев свесен дека има толку многу проблеми со соседите. Сегашниве проблеми ќе се решат некако, а најважно е дека македонскиот јазик постои и ќе продолжи да постои. Македонскиот јазик е посебен и тоа никој не може да го негира. Тој се разликува и од српскиот и од бугарскиот на секое лингвистичко ниво, од фонологија преку морфологија, со лексика со синтакса“, рече Фридман.
Одговарајќи на новинарско прашање за ставот на Бугарија и негирањето на македонскиот јазик, Фридман потсети на времето на фашизмот и порача дека Европа сега мора да има принципи за да стави крај на ваквата ситуација.
„Во времето на фашизмот кога Бугарите ја окупирале Македонија ги тепале децата кои зборувале македонски. Еден мој стар пријател бил дете од Битола и учителот го тепал затоа што зборувал на македонски. Тоа е фашизам, а во времето на фашизмот македонскиот бил бугарски дијалект. Сега кога Бугарите велат дека македонскиот е бугарски дијалект е исто како во фашистичко време. Европа треба да стави крај на сето ова, да има принципи и да не отстапува. За македонскиот јазик сите ние треба да стоиме цврсто на ставот дека македонски јазик е македонски јазик и готово“, рече Фридман.
Фридман е прв лингвист добитник на Светската награда на хуманизмот, што ка доделува Охридската академија на хуманизмот чиј претседател е Јордан Плевнеш.
„Благословена да е мисијата на Виктор Фридман и нека живеат сите 6.345 јазици од листата на УНЕСКО, бидејќи кога се читаат Вашите текстови и кога Ве слушаме како зборувате на голем број јазици, мислиме дека културните разлики низ Вашиот научен глас, независно од геоплитичките и нуклеарните катасторофи, ја пеат Симфонијата на јазичната љубов од Вавилонската кула“, рече Плевнеш.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков кажа дека делото на Виктор Фридман со децении „на научно фундирана основа и најискрен хуман начин ја доближува нашата култура до американската јавност и го прави еден од најголемите пријатели и почитувачи на Македонија и на македонскиот јазик и култура“.
С. ВРЕНЦОВСКА