СЕКИРАТА ДОЈДЕ НА 5 САНТИМЕТРИ ОД МОЕТО ЧЕЛО, ВЕЛИ ТЕТОВСКИОТ НОВИНАР НЕВРИЈ АДЕМИ КОЈ БЕШЕ НАПАДНАТ СНИМАЈЌИ РЕПОРТАЖА ЗА ШКОЛО

    СЕКИРАТА ДОЈДЕ НА 5 САНТИМЕТРИ ОД МОЕТО ЧЕЛО, ВЕЛИ ТЕТОВСКИОТ НОВИНАР НЕВРИЈ АДЕМИ КОЈ БЕШЕ НАПАДНАТ СНИМАЈЌИ РЕПОРТАЖА ЗА ШКОЛОНовинарот и снимателот на ТВ Полог биле нападнати снумајќи прилог за школото „Наим Фрашери“ во село Ѓурѓевиште, Гостиварско. (Фото: СДК.МК)

    Новинар и снимател на локалната телевизија ТВ Полог од Тетово вчера биле нападнати додека снимале прилог за основното училиште во село Ѓурѓевиште, во гостиварската Општина Врапчиште. Напаѓачот, кој е од селото Ѓурѓевиште, првин вербално се расправал со новинарот зошто дошле во училиштето, потоа го турнал, па зел секира и почнал да ги брка новинарот и снимателот. Откако инцидентот бил пријавен во полицијата, лицето кое ги нападнало новинарот и снимателот брзо било пронајдено и приведено во гостиварската полиција. Бил задржан во полициската станица 24 часа, а денеска во координација со Јавен обвинител бил пуштен од притвор и ќе добие пријава.

    „Отидовме во основното училиште ‘Наим Фрашери’ во село Ѓурѓевиште, за да снимиме репортажа за училиштето во кое било извршено реновирање. Додека снимавме и работевме на репортажата со колегата снимател Збулим Максути, ни се доближи еден човек со автомобил и нè гледаше околу 5 минути. Кога камерманот, кој снимаше внатре во училиштето излезе надвор пред влезот во училиштето, човекот, за кого подоцна дознавме како се вика  и дека работи во Италија, почна да вика по нас, да нè пцуе и навредува. Дојде до влезот на училиштето, ме фати мене и ме турна по скалите. Ние почнавме да му објаснуваме дека сме дошле да снимиме како се реновира училиштето, но тој никако не сакаше да разбере. Наместо тоа, првин зеде една метална шипка, но тогаш ја виде секирата која стоеше во дворот со која училишниот служител цепеше дрва за огрев, ја зеде и замавна кон мене. Секирата ми дојде на 5 сантиметри од челото. Позади мене имаше две учителки кои кога го видоа ова почнаа да пискаат. Тука имаше и ученици кои го гледаа човекот како замавнува со секирата кон мене. Потоа тој повторно нè навредуваше, а ние го искористивме моментот и со трчање влеговме во нашиот автомобил и се упативме кон полициската станица да го пријавиме случајот. Додека возевме, лицето кое нè нападна, со возило марка ‘ауди’ со италијански регистарски таблички, неколку километри нè следеше сè до село Неготино“, кажува новинарот Невриј Адеми.

    Адеми вели дека не ги знае причините зошто ова лице, кое воопшто не го познаваат, така се однесувало и ги нападнало. Се сомнева делка зад нападот стои политичка позадина, според тоа што го кажувал напаѓачот додека ги навредувал него и снимателот.

    „Тој човек не работи во училиштето и навистина не знам зошто нè нападна, но во првите зборови кои ги упати кон нас почна да ја меша политиката. Ми велеше дека мене тука ме пратила некоја политичка партија, пцуеше некои лидери на партии, ја споменуваше ДУИ, а нас нè обвинуваше дека правиме вести против Алијанса на Албанците“, вели Адеми.

    Новинарот Адеми вели дека не би повреден кога бил турнат по саклите, но поради целата ситуација и заканата со секира, бил под голем стрес. Случајот веднаш го пријавиле во полиција и во Здружението на новинарите (ЗНМ).

    „Случајот го пријавивме и во полиција и во ЗНМ за да се види со што се среќаваме ние новинарите кога ги вршиме нашите работни задачи. Јас го молам Обвинителството итно да преземе мерки за повеќе да не се случуваат вакви настани, а овој случај што е можно побрзо да се расчисти и да не остане заборавен по судските фиоки“, вели Адеми.

    Нападот на новинарот и снимателот на ТВ Полог беше остро осуден од ЗНМ.

    „Потенцираме дека заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик, а МВР и ОЈО треба итно да ги истражат и процесуираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот, но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина“, соопшти ЗНМ.

    Полицијата соопшти дека напаѓачот го фатила во во село Топлица, Гостиварско.

    „Полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар, го лишиле од слобода 59-годишниот Б. Е. од гостиварското село Ѓурѓевиште, по добиена пријава дека пред тоа во Ѓурѓевиште го нападнал 23-годишниот Н. А. (новинар) од гостиварско Калиште и во раката имал секира со која му се заканувал. Приведеното лице во консултација и координација со Јавен обвинител, е задржано во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување на случајот“, соопшти СВР Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира