Трет ден штипјани палат свеќи и положуваат цвеќе на плоштадот „Слобода“ каде се ставени фотографии од петмината жители на Штип кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март. Во пожарот загинаа 59 лица главно на возраст од 14-25 години.
Најмногу демонстранти имаше од Средното медицинско училиште „Јане Сандански“, од каде од повредите во несреќата починаа тројца нивни соученици, двајца матуранти од Штип, и една ученичка од втора година. Во средните училишта и во зградата на Општина Штип се отворени книги за сочуство.
Со минута молчење на плоштадот, почит оддадоа и средношколците кои протестираат со едночасовни маршеви по штипските улици. Нивните протести се со слоганот „Секој еден може да е следен“.
Над 150 лица се повредени, дел од нив тешко, во пожарот во дискотеката Кочани на 16 март. Во странство до сабајлево се испратени на лекување 76 повредени.
Основниот суд Кочани вчера даде краткотраен притвор на 8 плус 6 осомничени за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, меѓу кои и ексминистерот за економија Крешник Бектеши и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, за да може со нив приведените да се задржат на распит повеќе од 24 часа. По истекот на овие 48 часа, ќе се знае за кого од овие осомничени обвинителите ќе побараат 30-дневен притвор. Претходно на распит кај обвинител, но не и кај судија на претходна постапка, беше градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов. По сослушувањето, си заминал дома, не бил донесен во судот.
Т. ЈОВАНОВСКИ