СЕКРЕТАРОТ СЕ ВАКЦИНИРАШЕ ОТИ Е ПОСТОЈАНО СО НАС ВО КОВИД-ЦЕНТАРОТ, НО ЌЕ ПОНЕСАМ ОДГОВОРНОСТ АКО СЕ БАРА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА Д-Р БАЛЕСКИ

    СЕКРЕТАРОТ СЕ ВАКЦИНИРАШЕ ОТИ Е ПОСТОЈАНО СО НАС ВО КОВИД-ЦЕНТАРОТ, НО ЌЕ ПОНЕСАМ ОДГОВОРНОСТ АКО СЕ БАРА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА Д-Р БАЛЕСКИД-р Горан Балески признава дека списокот го потпишал без да види кои се меѓу првите кои треба да примат вакцина. (Фото: СДК.МК)

    Секретарот на Општата болница во Охрид Антонио Наумоски не е обичен административец, постојано е со целиот медицински тим кој влегува во Ковид-центарот, меѓу пациентите во придружба со стручните екипи од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да прават инспекции во болницата, вели директорот на Болницата д-р Горан Балески, откако во јавноста излезе веста дека секретарот на болницата се најде на списокот на приоритетни и меѓу првите се вакцинираше против ковид-19.

    Балески додава дека Наумоски не го зел местото на ниту еден здравствен работник, бидејќи „имаше заболени медицински лица кои створиле антитела и не се вакцинираа“.

    „Наумоски не е правник со канцелариска работа, туку секретар на болница кој ако дојде комисија од Инспекторат влегува внатре со нив во делот каде лежат болни, облекува скафандер. Имаме и носено боци за кислород, бидејќи имаше период кога во Болницата имавме и над сто заболени па сами растоваравме и носевме боци. Секој има право да се вакцинира, а во конкретниов случај бидејќи дел од персоналот се откажа сметам дека не се направи голем пропуст“, вели Балески кој признава дека списокот го потпишал без да види кои се меѓу првите кои треба да заминат Скопје да примат вакцина.

    Балески вели дека е свесен за одговорноста и спремен е да ги сноси последиците ако се бара тоа.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера ја осуди злоупотребата и прекршувањето на приориртетите за вакцинирање согласно Националниот план за вакцинација.

    „Ниту едно лице кое не се наоѓа во групата која во моментов има приоритет за вакцинирање, а тоа се само здравствените работници кои работат во Ковид -центрите и со ковид пациенти, не смее да се вакцинира. Листите за вакцинација беа доставени од страна на директорите на секоја здравствена институција и истите уште утре веднаш ќе бидат ревидирани, а оние кои направиле злоупотреби ќе бидат соодветно санкционирани“, рече Филипче.

    С . ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира