СЕКС СОБАТА ВО ЗАТВОРОТ К’ШАЊЕ НЕ СЕ КОРИСТИ ОТИ НЕМА ВОДА ЗА ТУШИРАЊЕ

    СЕКС СОБАТА ВО ЗАТВОРОТ К’ШАЊЕ НЕ СЕ КОРИСТИ ОТИ НЕМА ВОДА ЗА ТУШИРАЊЕИако веќе 5 години од отварањето во затворот К'шање постои уредена соба за интимни видувања, во неа сè уште никој не влегол оти објектот вреден 6 милиони евра има проблем со водоснабдувањето (Фото: МИА)

    Затвореници од затворот К`шање се жалат дека управата на казнено-поправната установа Куманово не им дозволува да ја користат љубовната соба затоа што нема вода да се истушираат. Иако веќе 5 години од отварањето во затворот постои уредена соба за интимни видувања, во неа сè уште никој не влегол. Осудените лица кои се под посебен затворски третман и не користат слободни денови, викенд или други погодности имаат право со својот брачен другар да престојуваат во соба за посебни видувања, но таа можност им е ускратeна поради проблеми во водоснабдувањето.

    „Уредена е како хотелска соба. Сè е ново, има брачен кревет, фрижидер, туш, купатило. Цел апартман е ама не ни даваат да го користиме. Треба да се искапеме кога ќе влеземе и кога ќе излеземе од собата. А нема вода. Ни викаат ќе фатиме некоја болест ако не се тушираме“, вели еден затвореник.

    Вработените кажуваат дека проблеми со водоснабдувањето има во текот на цела година, а особено е алармантно во летниот период кога постои опасност од појава и на заразни болести (Фото: СДК.МК)

    Директорот на казнено-поправната установа Куманово, затвор К`шање, Марјан Спасовски признава дека собата за видување не се користи, но вели дека таквата пракса ја наследил од неговата предходничка. Кога стапил на функцијата пред 10 месеци му кажале дека собата никогаш не била во функција затоа што нема услови, и така е до ден денеска. Тој вели дека има разбирање за потребите на осудените лица, но во моментот проблемите со водоснабдувањето не дозволуваат да се реши престојот во секс собата.

    „Во установата секоја капка вода се штеди. Само со едно туширање ќе се потроши вода како за миење на садови по еден оброк. Мора да сме рационални со потрошувачката на вода за да немаме проблеми во секојдневното функционирање“, вели директорот Марјан Спасовски

    „Во установата секоја капка вода се штеди. Само со едно туширање ќе се потроши вода како за миење на садови по еден оброк. Мора да сме рационални со потрошувачката на вода за да немаме проблеми во секојдневното функционирање. Вложуваме максимални напори трајно да го решиме проблемот со водоснабдувањето во затворот, по што собата за видувања ќе биде пуштена во употреба “, вели Спасовски.

    Проблемот со водоснабдувањето постои во затворот К`шање од самото отворање. Установата се снабдува со вода со пумпи од извори и бушотини во близина на затворот, но нема капацитет да ги задоволи дневните потреби на затворениците. Вработените кажуваат дека проблеми со водоснабдувањето има во текот на цела година, а особено е алармантно во летниот период кога постои опасност од појава и на заразни болести.

    По 6 години изградба затворот К’шање го пушти во употреба поранешниот премиер Никола Груевски на 1 октомври 2013

    „Самата географска поставеност на објектот е во сушен сушен крај и нема доволно извори на вода, а и постојната бушотина не била изведена на потребната длабочина. Штета еден ваков капитален објект да се остави без елементарни услови за работа, да се патат и вработените и затворениците за вода“, велат нашите извори.

    Тие додаваат дека втор голем проблем на затворот К`шање е што нема асфалтен пат, што е опасност за движењето на комбињата со затворениците, но и за безбедноста на вработените. Локалниот пат од 1.3 километри е под надлежност на локалната самоуправа Куманово, но установата е од национално значење па се очекува државата да обезбеди пари за решавање на овој инфраструктурен проблем.

    Казнено-поправната установа Куманово, затвор К`шање, е од полуотворен тип со капацитет од 250 затвореници. Почна да се гради на 7 јули 2007, а првите лопати ги фрлија тогашниот министерот за правда Михајло Маневски и министерката Гордана Јанкуловска, кои ветија дека затворот ќе биде завршен за две години. Работите заглавија меѓу другото и поради проблемот со вода, па по 6 години го пушти во употреба поранешниот премиер Никола Груевски на 1 октомври 2013. За изградба и опремување за затворот се потрошени околу 6 милиони евра.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира