СЕРИСКИОТ УБИЕЦ ВО СТАРО НАГОРИЧАНЕ ОБВИНЕТ ЗА ЧЕТИРИ УБИСТВА И ДВА ОБИДИ ЗА УБИСТВО НА ЖЕНИ

    СЕРИСКИОТ УБИЕЦ ВО СТАРО НАГОРИЧАНЕ ОБВИНЕТ ЗА ЧЕТИРИ УБИСТВА И ДВА ОБИДИ ЗА УБИСТВО НА ЖЕНИСемејството на една од жртвите на серискиот убиец, 35-годишната Марија Маринковска од Куманово. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Куманово откако ја заврши истрагата, денеска поднесе Обвинителен акт против 25-годишниот Трајко Бојковски од Старо Нагоричане, под сомнение дека извршил четири кривични дела Убиство од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик, како и два Обиди за убиство од истиот квалификуван облик.

    Бидејќи со умисла убил повеќе лица, согласно член 123 став 3 од Кривичниот законик, Бојковски може да добие казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.

    Се испитуваат и околностите како лекарите не воочиле насилна смрт кај жртвите на осомничениот. Полицијата на 13 мај поднесе кривична пријава до Кумановското обвинителство против двајца лекари-мртвопроверители, кои тврделе дека жртвите на серискиот убиец починале од природна, а не од насилна смрт со убиство. Кај полицајците кои доаѓале на увид кај починатите жени не е најдена одговорност, бидејќи тие им верувале на лекарите кои тврделе оти нема сомненија за насилна смрт.

    Според Обвинителството, врз основа на извршените вештачења во текот на истрагата било утврдено дека делата ги вршел од ниски побуди, односно со намера да ги задоволува своите полови страсти спрема мртви женски тела.

    „Ноќта помеѓу 05 и 06 јануари 2025 година во с. Клечовце со умисла убил повозрасна и немоќна жена. Влегол во нејзината куќа и додека таа била заспана на креветот физички ја нападнал и насилно почнал да ја задушува. Од бројните скршеници и повреди поради кои не можела да дише, жената починала“, соопшти Кумановското обвинителство.

    Истото го сторил и помеѓу 5 и 7 во јуни 2025, кога во селото Драгоманце на сличен начин со умисла убил уште една жена. Третиот напад е евидентиран на 22 јули истата година во село Челопек, када нападнал жена која успеала да го заплаши така што викнала по нејзиниот син, па обвинетиот избегал.

    Во вечерните часови помеѓу 17 и 18 јануари оваа година во селото Старо Нагоричане, обвинетиот со умисла ја убил Марија Маринковска (35) од Куманово за која исто така знаел дека е сама. Начинот на извршување на убиството бил сличен како кај претходните жртви.

    Во селото Челопек, во вечерните часови помеѓу 5 и 6 февруари годинава обвинетиот убил уште една повозрасна и немоќна жртва.

    „Последниот евидентиран настан е на 09 февруари во с. Челопек, каде со умисла се обидел да лиши од живот уште една жена, но се исплашил од звук што го слушнал и побегнал пред да ја реализира намерата“, вели Обвинителството.

    Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира