ШИЛЕГОВ ЌЕ ЈА БРИШЕ ЈУЖНАТА ОБИКОЛНИЦА НА ВОДНО СО НОВИОТ ГЕНЕРАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН

    ШИЛЕГОВ ЌЕ ЈА БРИШЕ ЈУЖНАТА ОБИКОЛНИЦА НА ВОДНО СО НОВИОТ ГЕНЕРАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНШилегов смета дека пробивањето на јужната обиколница е спротивна на принципите за заштита на животната средина имајќи во предвид дека за нејзиното пробивање потребно е да се уништи добар дел од зеленилото на Водно. (Фото: К.Попов)

    Јужната обиколница над Скопје која треба да минува низ Водно, ќе биде избришана од новиот Генералниот урбанистички план (ГУП). Градоначалникот Петре Шилегов денеска најави дека Град Скопје почнува со постапките за изработка на нов ГУП и во него, според него не треба да биде предвидено пробивање на јужната обиколница.

    „Во текот на изработката на новиот ГУП верувам дека ќе бидат разгледани можностите за отстранување на некои недостатоци од постојната планска документација. За пример ја земам постојната јужна обиколница, која според мое мислење и мислење на стручната јавност е спротивна на принципите за заштита на животната средина, имајќи предвид дека за нејзиното пробивање потребно е да се уништи добар дел од зеленилото на Водно“, рече градоначалникот Шилегов.

    Постојниот Генерален урбанистички план е со важност до 2022 година. Во изработката на новиот Генерален план на Скопје, покрај општините и Министерството за транспорт и врски, ќе бидат вклучени и стручната јавност, граѓанските организации и граѓаните.

    Шилегов кажа дека во неговата визија за новиот ГУП, Скопје треба да биде зелен град, со повеќе јавни простори и сообраќај кој ќе овозможи урбана мобилност.

    „Скопје ќе се развива на начин што ќе се релаксира од претерана урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационално користење на сè уште неискористените содржини во северниот дел“, рече Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира