Град Скопје ќе купува нови контејнери во кои ќе бидат вградени чипови за да покажуваат кога и колку се полни. Контејнерите ќе бидат со капацитет од 2.200 и 3.200 литри. Покрај контејнери ќе се набават и два камиони за собирање на ѓубрето со капацитет од 3,2 кубни метри.
Градоначалникот Петре Шилегов рече дека новиот вид контејнери ќе ја подобри хигиената во градот и дека сегашниот третман на отпадот е застарен.
„Наскоро ја почнуваме постапката на смарт сити. Во тој систем ќе бидат вклучени и новиот вид на контејнери. Во тендерската документација ќе бараме во нив да има слотови во кои ќе бидат ставени чипови кои ќе покажуваат кој контејнер до кое ниво е полн. Врз основа на тие податоци ќе се прави и рутата на камионите за собирање на отпадот. Нема да биде како досега кога на одредена улица камион минува два пати неделно, туку ЈП„Комунална хигиена“ ќе го собира ѓубрето по потреба. Контејнерите ќе бидат достапни за лица со посебни потреби“, рече градоначалникот Шилегов.
За набавка на новите контејнери во буџетот се предвидени 40 милиони денари, додека за камионите 24 милиони денари.
Шилегов рече дека во моментов во градот има 4.500 контејнери, што е недоволно, односно реалната потреба е најмалку 7.000 садови за ѓубре. Тој не кажа колку контејнери ќе се набават бидејќи тоа зависело од понудите кои ќе стигнат на тендерот.
А. АНТЕВСКА