ШИЛЕГОВ НАЈАВИ КОНКУРС ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА И ПРЕДЛАГА НОВА УНИВЕРЗАЛНА САЛА КАЈ ОРАНЖЕРИИТЕ НА „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“

    ШИЛЕГОВ НАЈАВИ КОНКУРС ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА И ПРЕДЛАГА НОВА УНИВЕРЗАЛНА САЛА КАЈ ОРАНЖЕРИИТЕ НА „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на денешната трибина во Младинскиот културен центар (МКЦ) во врска со идните планови за Универзалната сала на која учествуваа и повеќе директори и културни работници. (Фото: К. Попов)

    Треба внимателно да се пресмета колку би чинела реставрацијата на Универзална сала, но јас сум за тоа што поскоро да почне да се гради нова сала и тоа на местото на оранжериите на „Паркови и зеленило“, рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на денешната трибина во Младинскиот културен центар (МКЦ).

    На затворената трибина во врска со идните планови за Универзалната сала учествуваа и директорот на Универзална сала Филип Аврамчев, владиниот национален координатор за култура и ексминистер за култура Роберт Алаѓозовски, претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) Мартин Пановски, долгогодишниот директор на Скопски џез фестивал Оливер Белопета, директорот на фестивалот „Златно славејче“ Бобан Јосифовски, Мирко Попов од „ПМГ рекордингс“, Владимир Мандичевски-Манде од „Баги комуникации“, како и повеќе архитекти, културни уметници и музичари.

    Град Скопје на 27 јули објави конкурс за избор на идејно решение за парк на местото на Универзална сала. Во конкурсот се бара на просторот покрај парк да биде предвидена и отворена летна сцена, со што на овој простор и во иднина ќе можат да се одржуваат концерти и други настани. Шилегов рече дека конкурсот завршува на 28 август, а ќе се отвори и нов конкурс за предлози за реставрацијата на салата. Најавата на градоначалникот предизвика реакции во јавноста, а од Асоцијацијата тогаш препорачаа поголема концертна сала да не се прави туку да се реновира постоечкиот објект, а Општина Центар со новиот Детален урбанистички план за Буњаковец 2, да ја намали површината за градба која беше зголемена во времето на ВМРО-ДПМНЕ и да се врати постојната големина на објектот.

    Советникот од Град Скопје Васко Лазаревски, кој беше модератор, на почетокот кажа дека Градот има три предлози: да се реконструира Салата, да се изгради нова на нова локација, и третиот е и да се реконструира Универзална и да се изгради нова на нова локација.

    Аврамчев и Јосифовски денеска беа согласни дека треба што побрзо да се почне со реставрација на Универзалната сала, но секако и веднаш да се почне со изградба на нова. Тие сметаат дека треба да опстане Универзалната сала, макар и во помал облик, да биде или музеј, па и да има парк, за да се користи за помали фестивали од типот на „Златно славејче“, или за разни промоции, токму поради емотивната поврзаност на граѓаните со овој објект.

    Пановски повтори дека ако се планира реконструкција, не смее да се помисли на доградби, наградби и слично, и кажа дека тоа што Универзалната сала десетина година не е во функција за културниот живот, е едукација за „нашите деца за тоа како се однесува државата со таков објект“.

    „Не гледаме нов симбол во Универзалната сала ако се сведе на поправки. Треба и да се промени мислењето кон просторот. Салата е руиниран леш. Авторот не е Македонец, а објектот е монтажен и нема големо значење за македонската архитектура. Сите сме емотивни врзани, но едноставно објектот е дотраен. Не смее да се споредува емотивното значење на Универзална сала со Градскиот трговски центар (ГТЦ). Тоа е како да ја споредите ‘Бистра вода’ на ‘Леб и сол’ со некоја друга популарна песна“, кажа Пановски.

    Белопета, кој и самиот кажа дека има организирано најголем број концерти во таа сала, рече дека ако може да опстане, нека остане, ама ако нема услови за реконструкција, да се сруши Универзалната сала.

    „Таму ги донесов Реј Чарлс, ‘Буена виста соушл клаб’ и знаете што, имам нула емоции кон таа сала. Ужасни се условите зад сцената, гардеробите, тоалетите, не можат да пристапат камионите со сценска опрема. Сметам дека што побрзо треба Шилегов во овој мандат да почне со изградбата на нова сала“, кажа Белопета.

    Заклучокот на сите учесници беше дека што побрзо треба да се изгради мултимедијална сала, затоа што Филхармонијата, Националната опера и балет, А1 Арената „Борис Трајковски“ си имаат и предности и мани, но секако не може да ги задоволат високотехнолошките капацитети на 21. век.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира