Властите на Град Скопје уште не знаат што ќе прават со мостот за панорамското тркало во реката Вардар, што го имаше смислено поранешниот премиер Никола Груевски. За доградба само на мостот потребни се околу 4,5 милиони евра, а толку пари се потребни и за негово уривање. Засега сигурно е само дека нема да се прави панорамското тркало за што договорот е стопиран.
Градоначалникот Петре Шилегов по излевањето на Вардар во декември минатата година рече дека бродовите и мостовите се еден вид брана и се небезбедни за градот. Шилегов сега вели дека сè уште разгледуваат што ќе прават со овој проект.
„Доградбата само на мостот без панорамското тркало би го чинело Градот околу 4,5 милиони евра. Отстранувањето на мостот заедно со бродовите од Вардар би чинело околу 5 милиони евра. И за двете опции тоа се многу пари кои треба да се одвојат од буџетот на Град Скопје. Сè уште не сме одлучиле како ќе постапиме. Доколку се доградува мостот, тоа ќе биде без елементите кои биле предвидени во проектот за поставување на панорамското тркало. Овој пешачки мост би имал некаква функција единствено кога ќе проработи катната гаража која ја гради Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор кај Музејот на холакаустот“, вели градоначалникот Шилегов.
Во моментов, на просторот околу мостот не се изведуваат никакви градежни работи. Просторот е заграден со метални огради зад кои се наоѓаат дел од машините и опремата на ГП „Бетон“. Столбовите кои требаше да го држат тркалото од двете страни на мостот се изведени, поставена е конструкцијата на преминот, но тој се уште не е довршен. Во реката се наоѓаат бетонски столбови и железа околу кои се собира ѓубре и пластични шишања.
Според договорот кој беше склучен со ГП „Бетон Скопје“, за изградбата на мостот и панорамското тркало Град Скопје, односно ЈСП „Скопје“ кое го водеше проектот, требаше да плати 18,5 милиони евра. Досега се исплатени околу 10 милиони евра.
Покрај ЈСП „Скопје“, пари за изградбата на панорамското тркало даваше како донација и Агенцијата за електронски комуникации. Лани во јуни со одлука на Владата беше стопирано донирањето пари за овој проект.
А. АНТЕВСКА