За одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на Евреите што ќе се случи догодина во Штип, Министерството за култура го поддржа истражувачкиот проект „Последните еврејски куќи во Штип“. На 11 март 1943, 551 Евреи беа депортирани од Штип од бугарскиот фашистички окупатор и убиени во концентрациониот логор Треблинка. Од домовите на 140 еврејски семејства во Штип денес се останати само неколку куќи.
„Министерството за култура веќе го заокружи проектот за реновирање на Центарот за култура ‘Ацо Шопов’ кој се наоѓа токму во месноста каде што некогаш беше Еврејското маало во Штип“, рече вчера министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во Штип.
Министерката кажа дека за реновирање на Центарот за култура досега се исплатени над 1 милион денари за санација на ентериерот. Рече дека е добро што оваа национална установа со свои проекти и со вонбуџетски средства самата рализирала повеќе инвестиции за обнова на целиот дом. На тој начин, набавена е светлосна и тонска опрема неопходни за функционирање и реализирање на зацртаната програма на Центарот за култура.
Директорот на Центарот за култура Горан Трајков рече дека годинава се реализирани 122 активности и манифестации од сите дејности од културата, а институцијата има 32 проценти заштеда на струја.
Министерката вчера ја посети и националната установа Завод и музеј во Штип, при што директорот Мите Штерјов кажа дека стручните екипи на оваа национална установа реализирале археолошки истражувања на неколку локалитети, од кои во последно време актуелни се доцноантичката Кула кај село Калаузлија во близина на археолошкиот локалитет Баргала, како и на локалитетот Трескавичка чука во Општина Конче.
„Оваа година издвоивме средства за конзерваторско-реставратовски работи на базиликата на локалитетот Баргала, а за локалитетот Билазора кај Свети Николе дадовме поддршка од 1.8 милиони денари. Исто така, обезбеден е грант-проект за ‘Млади Хаб’ во вредност од 30.000 евра, а се склучени и меморандуми за соработка со неколку домашни установи, но и со Хрватскиот театар во Вараждин кој веќе гостуваше во Македонија“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Т. ЈОВАНОВСКИ