Локалната власт донесе одлука неколку фреквентни локации во Штип да имаат бесплатни паркинзи. Од денеска се укинува плаќањето паркинг на улицата Сутјеска во населбата Автокоманда, која е една од најфреквентните во градот со оглед на тоа што таму се наоѓа и новиот градски пазар.
Според градоначалникот на Штип Благој Бочварски, се укинува плаќањето паркинг на сите улици околу градскиот пазар, што ќе значи големо олеснување на земјоделските производители од регионот кои секојдневно, а посебно во четврток и петок, доаѓаат на пазар во Штип. Олеснувањето ќе биде и за самите штипјани кои пазарните денови масовно го посетуваат пазарот. Се укинува и платениот паркинг на некои улици околу Клиничкиот центар во Штип, а за подобар проток на возила на некои улици се укинува паркирањето.
Во Штип од лани се воведе платено паркирање со СМС порака, а минатата недела се воведени и грепки.
Останува плаќањето на паркинг просторот само во централното градско подрачје, по улиците околу реката Отиња каде сообраќајот е еднонасочен. Општината веќе иницира измена на режимот на сообраќајот со враќање на двонасочен сообраќај, а паркирањето ќе се решава со изградба на паркинг простор на постојниот тротоар, а за пешаците ќе се градат патеки над коритото на реката Отиња.
Т. ЈОВАНОВСКИ