Рано утринава околу 2 часот, на улицата Стојан Рибата во Штип автомобил марка ‘хјундаи‘ движејќи се по удолнината на оваа еднонасочна улица излетал од патот, ја разбил железната ограда и треснал во покривот на куќа во која станарите спиеле. Во СВР Штип ја потврдуваат несреќата и велат дека нема повредени.
„Во целата несреќа сме имале голема среќа, затоа што мислиме дека оградата спречила возилото да падне во спалните на нашите две семејства. Нè разбуди силна експлозија. Во првиот шок помисливме дека е бомба. Силниот тресок бил од ударот во железната ограда која буквално нè спаси“,велат станарите од куќите кои се под нивото на оваа стрмна улица во Штип.
Направена е само материјална штета. Без повреди поминал и возачот Т. Р. (39) од Штип кој бил сам во автомобилот. Портпаролката на СВР Штип Гордана Панајтова вели дека против него ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Т. ЈОВАНОВСКИ