Двајцата млади штипјани кои претепаа 22-годишна девојка и се снимаа, на денешното судење во Основниот суд во Штип ја признаа винатата и при тоа рекоа дека многу се каат за стореното дело и јавно ѝ се извинија на оштетената и на граѓаните кои масовно го осудија насилството. Судот донесе одлука пресудата да ја соопшти в четврток.
С. А. (23) и П. Р. (26), кои се во притвор во Кумановскиот затвор, одговараат за кривичното дело насилство за кое Законот предвидува казна затвор од 6 месеци до 5 години.
Обајцата пред три месеци во Штип брутално претепале 22-годишна девојка со која имале нерасчистени односи и целото насилство го снимиле на мобилен и по извесно време го објавиле на социјалните мрежи.
Тоа предизвика бурни реакции кај граѓаните кои го осудија нивното дело.
Штипските адвокати не сакаа да ги застапуваат обвинетите, но нивната одбрана ја прифати Валентин Зафиров адвокат од Велес. Тој кажа дека по пресудата в четврток, заедно со обвинетите ќе одлучат дали ќе се жалат.
Т. ЈОВАНОВСКИ