ЈА УМРЕЛЕ ЗАЕДНО СО СОПРУГОТ, ШТИПЈАНКА ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ НЕ ДОБИВА ПЕНЗИЈА

    ЈА УМРЕЛЕ ЗАЕДНО СО СОПРУГОТ, ШТИПЈАНКА ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ НЕ ДОБИВА ПЕНЗИЈАСама во трошната куќа во населбата „Железничка “ на самиот влез во Штип живее Драгица Панова која четири месеци не земала пензија оти се водела за почината. (Фото: СДК.МК)

    66-годишната штипјанка Драгица Панова годинава сè уште нема добиено пензија затоа што се водела како почината од 4 јануари. Тој ден починал нејзиниот сопруг, а како таа се нашла меѓу починатите никој не знае да каже. Грешката настанала на денот на починувањето на нејзиниот сопруг кога и таа под истата дата била заведена како почината, а таа тоа не го знаела.

    „Дека сум почината дознав кога не ја добив ниту февруарската пензија. Во месец март отидов во ПИОМ во Штип каде што ми побараа лична карта, па кога вработениот ја виде со чудење ми рече: ‘е па вие сте почината и се водите во графата 9 која е за умрените’. Ми кажа дека грешката ќе се исправи откако ќе приложам документ за живот и истиот ќе бил проследен до Скопје“, вели Панова за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Кога не ја добила и мартовската пензија пак интервенирала и ѝ било кажано дека новите документи дека е жива веќе биле пратени во Скопје и проблемот ќе се реши.

    „Но, се случи да не ја добијам ниту априлската пензија, па Велигден го поминав без скршена пара. Пензијата не е голема, изнесува 13.600 денари, ама поради тоа што не ми ги исплаќаа бев принудена да позајмувам за да преживеам. Морав уште пожестоко да реагирам и решив мојот случај да добие и јавност. Ми се јави и Народниот правобранител и ми рече на 11 мај ќе интервенирал во случај ако не ми биле исплатени сите заостанати пензии“ вели Панова, поранешна работничка на „Македонка“ каде што работела повеќе од 25 години, а по стечајот 10 години сè до пензионирањето работела во една приватна конфекција во Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира