На Инфективното одделение во Штипската болница утрово починаа двајца пациенти од Делчево на возраст од 60 и 78 години кои биле хоспитализирани со тешка клиничка слика, додека 40-годишниот пациент од Делчево кој почина на Инфективната клиника во Скопје со тешки симптоми бил примен во Штип пред една недела, но веднаш бил препратен во Скопје поради сериозната здравствена состојба.
„Во последните две недели Инфективното одделение при Клиничката болница во Штип се полни со пациенти заразени со Ковид-19, а гравитираат од Делчево. Во моментов, од вкупно 46 хоспитализирани дури 19 се од Делчево и околните села, Звегор и некои други. Не знаме за каков кластер се работи, но од овој крај нови четворица пациенти со симптоми се хоспитализирани во Штип и за нив се очекуваат резултатите“, вели директорот на Клиничката болница во Штип д-р Ален Георгиев.
Тој вели дека пациентите што се донесуваат во Штип се со тешка клиничка слика, а според епидемиолошките анкети, најверојатно затоа што заболените повеќе денови прележуваат дома без да побараат лекарска помош, па нивната здравствена состојба се влошува. На Инфективното одделение во Штип има пациенти и од останатите соседни градови, но стагнираат позитивните од Штип, чија бројка неколку дена е едноцифрена.
Т. ЈОВАНОВСКИ