ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ГИ ЧУВА СПОМЕН-СОБАТА ЗА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, СПОМЕНИКОТ И РЕЛЈЕФОТ ПРЕД ЗГРАДАТА КАДЕ БИЛ УЧИТЕЛ

    ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ГИ ЧУВА СПОМЕН-СОБАТА ЗА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, СПОМЕНИКОТ И РЕЛЈЕФОТ ПРЕД ЗГРАДАТА КАДЕ БИЛ УЧИТЕЛВо спомен-собата се старите училишни клупи што ги користеле учениците на Гоце Делчев кога бил учител во Ново Село од 1894 до 1896. (Фото: СДК.МК)

    Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип уште со реновирањето на старата учителска зграда во штипско Ново Село, која се преадаптира во зграда на Ректорската управа, направи сè зградата да го задржи архитектонскиот изглед на стариот објект. Овде, Гоце Делчев бил учител од 1894 до 1896 кога се запознава со Даме Груев и заедно почнале да ја раководат Македонската револуционерна организација.

    Покрај клупите, спомен-собата ги содржи сите потребни историски податоци за учителствувањето на Гоце Делчев во Штип со оригинални историски фотографии од тоа време. (Фото: СДК.МК)

    Седум години по основањето на Универзитетот „Гоце Делчев“, во 2014 кога Ректорската управа се префлува во веќе реновираната зграда на училиштето во Ново Село, истовремено била отворена и спомен-соба за големиот македонски револуционер, а идеја за тоа Ректорската управа добива од тоа што во новоселското училиште уште се наоѓале старите училишни клупи што ги користеле учениците на Гоце.

    „Спомен-собата која е дел од салата на Сенатот на Универзитетот, покрај клупите ги содржи сите потребни историски податоци за учителствувањето на Гоце Делчев во Штип со оригинални историски фотографии од тоа време. Спомен-собата располага со многу значајни факти и публикации за животот и делото на Делчев и постојано се надополнува со нови пишувани документи што се дел од научноистражувачката работа на голем број наши професори и студенти на универзитетот. Многу историски податоци се ставени и во електронска форма“, вели ректорот Дејан Мираковски.

    Кога старата учителска школа се реновирала, планот предвидувал пред самиот влез во дворот на училиштето да биде поставен споменик на Гоце Делчев. (Фото: СДК.МК)

    Кога старата учителска школа се реновирала, планот предвидувал пред самиот влез во дворот на училиштето да биде поставен споменик на Гоце Делчев што редовно се одржува исто како и спомен-релјефот што постои многу одамна. На фасадата уште на старата зграда на учителската школа уште во 20. век е подигнат спомен-релјеф на Гоце Делчев на кој е напишана неговата иосториска мисла: „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“.

    Денеска, по повод 151 година од неговото раѓање, како и на 4 мај на денот на неговата смрт, се положуваат цвеќиња од претставниците на инситуциите кои го носат името на Гоце Делчев, а во Штип покрај Универзитетот така се викаат и Народната Библиотека и едно основно училиште.

    Гоце Делчев е роден во Кукуш на 4 февруари 1872, а загина во битка со отоманската војска во Баница на 4 мај 1903.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира