Новиот закон за урбанизам ќе каже што ќе биде со хотелот на Чичко Никола во Лагадин, им рекле премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на претставниците на Здружението на граѓани „Стар Лагадин“, на вчерашната средба во Владата.
Од Здружението „Стар Лагадин“ откако премиерот Заев на Чичко Никола на трибина во Охрид му рече дека лично ќе се заложи неговото „мало семејно објектче“ да се догради, му порачаа дека се става во улога на поттикнувач на корупција и криминал. На средбата претставниците на „Стар Лагадин“ му рекле на Заев дека одлуката на в.д. градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески да го поништи одобрението за градба на хотелот, овој пат ќе биде трајна, бидејќи, како што велат тие, во донесувањето на одобрението за градба имало повеќе прекршувања на постапките.
„Премиерот Заев на средбата истакна дека, тргнувајќи од принципите за заштита на природното и културно-историското богатство на Охрид и на Охридското Езеро, впишани во Листата на светско наследство на УНЕСКО, неопходно е да се почитува одлуката на в.д градоначалникот и на советниците на Општина Охрид за запирање на градбата, и дека во меѓувреме ќе се бара правната основа за трајно решавање на ова прашање. Конечното решение за ова прашање може да се очекува од одредбите на новиот Предлог-закон за урбанистичко планирање којшто е во собраниска постапка и чие донесување се очекува наскоро“, соопштија од Владата по средбата со Здружението „Стар Лагадин“.
В.д. градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески минатата недела го поништи решението за градба на хотелот кај Лагадин кој прекршува 12 закони.
„Инвеститорот си добил дозвола врз постоечки Детален урбанистички план кој предвидувал во тоа заштитено подрачје да има хотел. Јас го поништив решението и не може да се гради врз основа на низа прекршувања во процедурата како на пример ненавремено известување за почеток на градба. Сега инвеститорот има право на жалба до Второстепената комисијата на Министерството за транспорт и врски на ова мое решение. Ќе видиме што ќе биде, но ова е прво донесено решение со кое инвеститорот не смее да гради врз основа на овие прекршувања на процедурата“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК на 3 март Георгиески.
Георгиески тогаш рече дека на брегот на Охридското езеро има многу дивоградби не е само хотелот кај Лагадин, за кои дури има и решенија за уривање.
„Случајот со Лагадин е многу деликатен. Но има многу решенија за уривање на објекти и платформи на езерото. Ако земеме да уриваме, тоа не е решение. Од една страна носиме Закон за легализација на дивоградби, а од друга треба да уриваме“, вели градоначалникот Георгиески.
А. АНТЕВСКА