ШТРАЈК НА ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ БИДЕЈЌИ ОПШТИНАТА ИМ КРАТИ ОД ПЛАТИТЕ И ДОДАТОЦИТЕ

    ШТРАЈК НА ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ БИДЕЈЌИ ОПШТИНАТА ИМ КРАТИ ОД ПЛАТИТЕ И ДОДАТОЦИТЕНам не ни се врши точна пресметка на платата. Многу пониско ни се пресметува и додатокот за прекувремена работа, за работа во празник, викенд, за сложеност на работното место“, рекоа на денешниот протест тетовските пожарникари. (Фото: СДК.МК)

    Дел од тетовските пожарникари кои се членови на независниот синдикат, денеска излегоа на штрајк во кругот на противпожарната единица во Тетово. Велат дека откако против пожарните единици преминаа под општинска надлежност тие нема никаков напредок во делот на унапредување на нивните права ниту пак имаат доволно и соодветни технички средства за работа. Но освен ова, тие ја обвинуваат Општината дека им скратува во исплатата на основната плата и на додатоците на платата кои им следуваат.

    „Од овој протест Синдикатот бара Општина Тетово во целост да ги почитува членовите 13, 17, 18 и 20 од Закон за пожарникарство бидејќи кај тетовските пожарникари има евидентни разлики во висината на платата и висината на додатоците на платата во однос на пожарникарите од другите градови. Нам не ни се врши точна пресметка на платата. Многу пониско ни се пресметува и додатокот за прекувремена работа, за работа во празник, викенд, за сложеност на работното место“, вели Горан Ристески од Независниот синдикат на државната управа.

    Синдикатот во неколку наврати поднесе тужби против Општината пред Основниот суд во Тетово, каде врз основа на вешт наод и мислење е констатирано дека има огромни разлики во платите и додатоците што треба да ги земаат пожарникарите во однос на тоа што го пропишува Законот.

    „Затоа уште еднаш бараме средба со градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи за да ѝ ги пренесеме нашите забелешки. Денеска имаме мирен протест со цел уште еднаш да го свртиме вниманието на Општината, на градоначалничката, но и на целата јавност кон нашиот проблем. Доколку не се реши нашиот проблем можни се и протести низ градот“, вели Ристески.

    Ова не е прв ваков штрајк на тетовските пожарникари. Тие протестираа и минатиот месец кога во противпожарната единица во Тетово престојуваше градоначалничката Теута Арифи. Иако синдикалците и тогаш побараа да се сретнат со градоначалничката за да разговараат за овие проблеми, до таква средба не дојде.

    „Ние сметаме дека во рамките на законот сме ги завршиле обврските. Во врска со ова се води судски процес пред Основниот суд во Тетово. Ќе видиме како ќе заврши процесот па според тоа и ќе постапиме. Ние сметаме дека немаме долгови кон пожарникарите туку напротив, сме ги консолидирале и платите и исплатите“, изјави пред еден месец градоначалничката Арифи.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира