ШУМСКИТЕ МАФИЈАШИ ЈА ОПУСТОШИЈА ЈАБЛАНИЦА, ВЛАСТИТЕ НЕМОЌНИ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ НА СТРУШКО ВИШНИ

    ШУМСКИТЕ МАФИЈАШИ ЈА ОПУСТОШИЈА ЈАБЛАНИЦА, ВЛАСТИТЕ НЕМОЌНИ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ НА СТРУШКО ВИШНИСекој ден на патот Долна Белица – Вишни – Струга поминуваат натоварени камиони со бесправно исечени дрва.(Фото: СДК.МК)

    Масовна и безмилосна илегална сеча на шумата на Јабланица, посебно во атарите на селата Вишни, Радолишта, Франгово и Лабуништа се случува изминативе месеци, реагираат од месната заедница на село Вишни, Општина Струга и неколку граѓански здруженија. Велат дека речиси и да нема педа од Јабланица во која не продреле, како што ги нарекуваат, шумските мафијаши.

    „Шумската полиција е немоќна и не реагира, шумското стопанство одамна кренало раце, а највредните букови шуми исчезнуваат и се нанесува огромна штета на екосистемите и на државата. Речиси и да нема ден на патот Долна Белица – Вишни – Струга да не поминат натоварени камиони со бесправно исечени дрва. Ова уште повеќе што за интересот на малкумина страда цела Јабланица, во време на енергетска криза кога луѓето одвојуваат баснословни суми за легално да купат огрев“, велат жителите на село Вишни.

    По бројните реакции и претставки испратени до надлежното Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство, во 2020 година добиле одговор од Министерството за животна средина и просторно планирање со известување дека шумско-културни работи ќе се изведуваат само во атарите од селата Радолишта и Франгово, според Посебниот план за стопанисување со шумите во ШСЕ Ќафасан – Јабланица во периодот од 2019 – 2028 година.

    „Потсетуваме дека иницијативата за прогласување национален парк е од месните заедници на подрачјето на планината Јабланица, како и од невладиниот сектор, а истата е прифатена и од градоначалниците на Општините Струга и Вевчани. Владата ја поддржа иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк на 116-та седница, во 2022 година. Воедно апелираме Студијата за валоризација на природните и социо- економските вредности да се ревидира и да се дополни во најбрз можен рок, за да може процедурата за прогласување на национален парк да се забрза“, велат од МЗ Вишни.

    Оттаму бараат надлежните да ја сопрат бесправната сеча и пустошењето на шумските екосистеми на Јабланица за да се заштитат ретките природни богатства од неконтролираното искористување и уништување. Во спротивно велат ќе прават блокади на местата каде секојдневно поминуваат камиони натоварени со бесправно исечени дрва.

    С.ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира