СИ МАВНАА ПО НЕКОЈА И ПОМИНА, РАСКАЖУВААТ СОСЕДИТЕ НА ФАМИЛИЈАТА ШТО СЕ ИСТЕПАА ПОРАДИ САМОИЗОЛАЦИЈА

    СИ МАВНАА ПО НЕКОЈА И ПОМИНА, РАСКАЖУВААТ СОСЕДИТЕ НА ФАМИЛИЈАТА ШТО СЕ ИСТЕПАА ПОРАДИ САМОИЗОЛАЦИЈАСпоред соопштението од Основното јавно обвинителство од Битола, лицата вратени од Италија треба да останат во изолација од 14 до 27 март, но, излегле на улица да се расправаат со соседите. (Фото: СДК.МК)

    Ни стравот од смртоносниот коронавирус не ја запре меѓусоседската расправија и тепачка што вчера на пладне се случила во битолската периферна населба Боримечка. Кавгата и тепачката избила меѓу членови од исто семејство кои се во изолација, неодамна вратени од Италија и соседи кои живеат во населбата.

    Според соопштението од Основното јавно обвинителство од Битола, лицата вратени од Италија треба да останат во изолација од 14 до 27 март. Но, излегле на улица да се расправаат со соседите. Двајца од нив физички ги нападнале соседите и им нанеле телесни повреди.

    Членови од семејството кое е во изолација денес затекнавме во дворот од новоизградена, модерна семејна куќа во Боримечка. Надвор беа мажите, а жените гледаа низ прозорци. На прашањето зошто се тепале, едниот од нив рече дека немало никаква тепачка, туку расправија зашто соседот ги пуштил кравите.

    „Јас сум Македонец, но одам во Италија. Во изолација сме со семејството, петмина. Уште една недела ни остана од изолацијата. Какво излегување, не одиме никаде“, рече едниот член од повратниците од Италија.

    Додека бевме таму имаше и полициско возило. Другите жители од населбата беа многу смирени. Велат ништо не е ова само соседите малку се скараа.

    „Се скараа, па се смирија, нема ништо. Едниот носеше земја да фрли тука и затоа другиот излезе. Така настана кавгата. Ете тука се во изолација, си го чуваат здравјето. Се степаа со соседот малку. Си мавнаа по некоја и помина. Тие имаат браќа, роднини во Италија. И сега 14 дена не треба да излегуваат. Со такси им носат храна. Ама немаат ништо, не се болни“, зборуваше еден од соседите.

    Делот од Боримечка каде што живеат овие битолчани е неурбанизиран, повеќето од објектите се дивоградби. Има две-три модерни куќи, а другите се трошни.

    Основното јавно обвинителство поднесе предлог за издавање казнен налог за пет лица, членови на семејство, кои сториле кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија според член 206 став 1 од Кривичниот законик.

    Јавен обвинител поднесе предлог за издавање казнен налог, со кој на Основниот суд Битола предложи на обвинетите да им изрече 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да се определи во висина од по 20 евра во денарска противвредност.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира