Инвестирањето во нови приротехничари е комплициран потег, но внимателно работам на тоа да се надмине недостигот на ваков кадар, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов, кој денеска го посети местото во поранешната битолска касарна на кое беа пронајдени 1.067 гранати и бомби од Првата светска војна. Сите нив ги откопа еден пиротехничар, зашто во целава држава има само двајца пиротехничари, едниот од Битола, другиот од Штип, а ја опслужуваат цела Македонија.
„Веќе најдов кандидат кој ги исполнува сите услови, ги има потребните сертификати и во овој момент се одвиваат формалните процедури за да се обезбеди финансии за негово вработување. Ги повикувам потенцијалните кандидати кои имаат соодветни сертификати за отстранување, пренос и уништување на експлозивни средства да дојдат да поразговараме, ќе се најде работно место. Во следниот период ќе имаме владина процедура во која ќе се обидеме да направиме селекција на заинтересирани кандидати , бидејќи закононските решенија не се најпогодни за вистински избор. Ние по вработувањето ги праќаме на обука која трае една и пол до две години, се случува дел до кандидатите да се откажат од најразлични причини, дел да не ги положат најопходните тестови. Затоа инвестирањето во вакви кадри не е едноставно“, рече Ангелов.
Тој додаде дека веќе разговарал и со 4 пензионирани пиротехничари преку договор на дело да се вклучат во отстранување на неексплодирани убојни средства. Рече дека платата на пиротехничарите е двојно зголемена, а дека е започната и процедура за за набавка на специјално транспортно возило или прилагодување на постоечките да ги исполнуваат минималните безбедносни стандарди за пренос на вакви опасни средства.
Во Битола, вклучување на повеќе пиротехничари на местото во касарната каде се најдоа гранатите е ризично зашто е стрмно.
„Апелирам до граѓаните да го избегнуваат ова место и да нема движења се додека не биде прогласено за чисто, а се сомневам дека тоа ќе се случи следните години, бидејќи целиот битолски крај е полн со различни видови неексплодирани убојни средства. За жал, уредите што ги користиме детектираат гранати до 30 сантиметри длабочина. Со текот на времето, бидејќи се работи за стрмнина доаѓа до талоложење на земја и постои можност подлабоко да има гранати и мини, но вака кога газиме на земја не претставуваат голема опасност“, рече Ангелов.
Старата битолска касарна е област од која дел битолчани користат за рекреација, а во другиот дел се хациендите на Златен Рид каде се градат објекти. И овие 1.067 убојни средства без откриени при градежни работи на приватна парцела.
Пиротехничарот Ѓорги Стефанов од Битола кој ги откопа гранатите вели дека треба да се предложи закон да не може да се почне со градење додека не се провери теренот.
„Би го предложил тоа – да се забранат градби додека не се испита тетренот. И задолжително при градежни работи да има пиротехничар“, вели Стефанов.
И градското шеталиште во Битола, кое е во близина на порнешната касарна, лежи на неексплодирани убојни средства од Првата светска војна.
„Пред 2 до 3 недели добив дојава од СВР дека деца правејќи насипи како скокалници од земја за велосипедите откопале 3 артелериски гранати од 75 мм кои баа поминати низ цевка, значи ризични, кои не треба да се поместуваат. На почетокот на 2000-те години се работело на шеталиштето и беа извадени над 600 гранати, а други биле затрупани“, вели Стефанов.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



