СИТЕ ПРОЕКТИ ДЕТАЛНО СЕ ПРОВЕРУВААТ ПРЕД ДА СЕ ОДОБРАТ, ВЕЛАТ ОД ЕБОР ОТКАКО АРСОВСКА РЕЧЕ ДЕКА НЕ БИЛЕ НАПРАВЕНИ ДЛАБИНСКИ АНАЛИЗИ ЗА АВТОБУСКОТО МЕТРО

    СИТЕ ПРОЕКТИ ДЕТАЛНО СЕ ПРОВЕРУВААТ ПРЕД ДА СЕ ОДОБРАТ, ВЕЛАТ ОД ЕБОР ОТКАКО АРСОВСКА РЕЧЕ ДЕКА НЕ БИЛЕ НАПРАВЕНИ ДЛАБИНСКИ АНАЛИЗИ ЗА АВТОБУСКОТО МЕТРОДоговорот со ЕБОР за заем од 70 милиони евра за Бас рапид транзитот беше потпишан во април. (Фото: СДК.МК)

    Сите наши проекти детално се проверуваат пред да бидат одобрени, па така и проектот за воведување на Бас рапид транзит во Скопје, велат од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) откако градоначалничката Данела Арсовска кажа дека банката немала направено длабински анализи за проектот.

    „Објавуваме извонредно детални информации за сите проекти на нашата веб страна. Сите наши проекти се предмет на многу детална проверка, пред да бидат одобрени и горди сме на високите стандарди според кои се раководиме, и истото го очекуваме од нашите партнери и клиенти. Постојат голем број на чекори на заштита и проверка, кои што ги применуваме за да обезбедиме услови за нашите проекти да ги задоволат овие стандарди“, велат од ЕБОР.

    Минатата недела, градоначалничката Данела Арсовска кажа дека овој проект го стопира и нема да го реализира бидејќи ќе биде на штета на граѓаните, ќе има големи импликации по зеленилото и водоснабдувањето на градот.

    На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто во Европската банка за обнова и развој е заведен како зелен проект, се финансира во рамките на мрежата на зелени градови и направеното решение е бодирано со сребрен стандард, Арсовска одговори дека како и секоја банка па и ЕБОР не навлегувал во техничките позиции на проектот.

    „Многу е убаво она што им било презентирано таму и тие дошле и направиле извештај од она што го имаат како информација од тука, меѓутоа длабински анализи не се направени. Нивната иницијална анализа е дека е добро за граѓаните да има нешто што ќе се движи брзо на таа локација. ЕБОР е институција за финансирање, финансира проект базиран на план за реализиција. Тие се како секоја една банка, банката не ви навлегува на вас во техничките позиции на проектот“, рече Арсовска.

    Поранешното раководство на Градот предводено од градоначалникот Петре Шилегов заедно со експерти на Европската банка за обнова и развој на проектот работеа околу три години. Притоа, со средства од ЕБОР во висина од 75.000 евра направени се истражувањата и изработка на студијата на која учествуваа сообраќајни експерти од земјава и странство.

    Со буџетски пари од Градот врз основа на истражувањата и студијата се правеше проектот за првата траса од Ѓорче Петров до Ново Лисиче за што беа потрошени 95.000 евра. Проектот го правеа група на понудувачи – Друштво за трговија и проектантски услуги „24 ИНГ“ ДООЕЛ увоз-извоз од Битола и Трговско друштво за проектирање инженеринг и консалтинг „Прима инженеринг“ од Скопје.

    Потоа, во април годинава беше потпишан договорот со ЕБОР за наменски кредит од 70 милиони евра за изградба на двете траси од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира