Жителеите на село Крушје, Ресен, се соочуваат со низа проблеми поради горењето на ѓубрето на депонијата Буково. Велат дека 30 години живеат со чадот кој им го нарушува здравјето, а долгогодишното постоење на активното ѓубриште негативно влијае и врз животната средина. Планинското село Крушје, кое се наоѓа на 1.090 метри надморска височина, брои околу 50 жители од сите генерации, а голем е процентот на оние кои се заболени и умираат од белодробни заболувања.
„Минатата година, скоро цела година ѓубриштето не беше воопшто изгаснато. Гореше и во зима што значи не се пали поради горештините туку некој тоа го прави и тоа секој ден посебно во попладневните часови. Прво камионите правае растовар, а потоа чадот доаѓаше до селото. Наутро прст пред око не се гледаше. Сите луѓе од селово се со заболувања на белите дробови“, кажува постар жител на село Крушје.
Жителите велат дека и производите кои ги произведуваат се контаминирани оти загадена е и почвата и водата. Според нив зелените површини на селото со години се покриени од чадот.
„Сѐ исфрливме, никој ништо не употребува. Стави производ во вода, црна вода излегуваше. И пчеларството згасна, има големи загуби. Уништени сме и ние и целиот животински свет“, велат тие.
Депонијата Буково, која се наоѓа во околината на Охрид, ги загадува и изворите кои се во близина на Буково. При временски услови кога е врнежливо се загадуваат површинските и подземните води кои навлегуваат во Охридското и Преспанското Езеро.
„Изворите во село Долно Крушје, ресенско се на само 2 километри оддалеченост од депонијата Буково. Тие се со издашност од 55 литри во секунда, каптирани за водоснабдување на Ресен, а се јавуваат на контактот помеѓу варовниците и алувијалните седименти. Несоодветното управување со депонијата Буково неповолно влијае на загадувањето на подземните води, а кое посебно е изразено при обилни врнежи кои покрај хемиско разложување вршат и физички транспорт на материите од самиот отпад во подземјето“, вели Ѓоко Зороски од граѓанската иницијатива „Збогум Буково“.
Незадоволство од чадот од депонијата, којшто секојдневно го труе воздухот, има и кај жителите на селото Косел. Жителите велат дека се приморани да седат дома со затворени прозорци оти миризбата е неподнослива.
„Има многу чад, многу е тешко за дишење, посебно кога се пали горе депонијата, а тоа се прави постојано“, велат тие.
Мештаните од двете села побараа итно решение оти како што рекоа сакаат да продолжат да живеат тука а не да се иселуваат.
„Не приморуваат со сила да си одиме од родното место. Секој ден чад, секој ден смрдеа. Секој ден истите проблеми. Бараме решение“, порачаа жителите на двете села.
Депонијата Буково е една од 54 нестандардни депонии во земјава кои се со висок ризик за животната средина. При опожарување се чувствува неподнослива миризба, а чадот кој се ослободува во себе носи штетни материи кои го загрозуваат човековото здравје и животната средина.
„Сите овие материи, штетни материи и опасни гасови коишто се ослободуваат при согорувањето на комуналниот отпад, разновиден и неселектиран отпад на оваа депонија, како што се полициклични ароматични јагленоводороди, фурани, сулфурни и азотни оксиди, тешки метали, сето тоа влијае штетно врз здравјето на луѓето, пред сè на дишните патишта“, вели Сашо Точков од иницијативата „Збогум Буково“ која интензивно работи на информирање и едуцирање на жителите на поширокиот регион со последиците по животната средина и здравјето на живиот свет.
Реактивната Мониторинг мисија на УНЕСКО во 2017 година препорача „да се затвори и да се исчисти депонијата Буково и сите диви депонии на отпад во рамките на доброто и да се воспостави функционален систем за собирање комунален отпад“. Според препораките на УНЕСКО таа требаше да се затвори до 2020 година.
Во Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион е наведено дека депонијата Буково треба да биде затворена бидејќи истата претставува долгогодишен проблем и значително ја загадува животната средина.
Активностите за изградба на регионалната депонија во Новаци сè уште не се почнати, иако според најавите градбата требаше да биде готова до крајот на 2024 година, со што требаше да се затворат сите депонии во државата кои се нестандардни и не се во согласност со препораките на УНЕСКО.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, очекува активностите да започнат напролет, а депонијата да биде изградена за четири до пет години. Дотогаш., како што вели, депонијата Буково ќе се покрива со земја за да не се шири неподносливата миризба од чадот а од следната година ќе се огради, осветли и ќе се постави видеонадзор сѐ до нејзината трајна дислокација.
Системот за управување со отпадот на новата регионална депонија предвидува и претоварни станици за отпад во Охрид, Дебар, Струга, Кичево, Прилеп и Битола, а ќе се формира и јавно меѓуопштинско претпријатие за транспорт и одлагање на сметот.
С. ВРЕНЦОВСКА