СКИПЕР, ПРАЈВАТ И КОВАЛСКИ НЕ СМЕЕМЕ ДА ГИ ОСТАВИМЕ НАДВОР КОГА ТЕМПЕРАТУРИТЕ СЕ НАД 25 ИЛИ ПОД ПЕТ СТЕПЕНИ, ВЕЛАТ НЕГУВАТЕЛИТЕ ВО СКОПСКАТА ЗОО ЗА ПИНГВИНИТЕ

    СКИПЕР, ПРАЈВАТ И КОВАЛСКИ НЕ СМЕЕМЕ ДА ГИ ОСТАВИМЕ НАДВОР КОГА ТЕМПЕРАТУРИТЕ СЕ НАД 25 ИЛИ ПОД ПЕТ СТЕПЕНИ, ВЕЛАТ НЕГУВАТЕЛИТЕ ВО СКОПСКАТА ЗОО ЗА ПИНГВИНИТЕСкипер, Прајват и Ковалски се првите пингвини кои од Италија стасаа во Скопје.(Фото:Ѓ. Личовски)

    Од пред еден месец скопската Зоолошка градина за првпат доби пингвини. Скипер, Прајват и Ковалски кои во Скопје стигнаа од Италија изминатите недели одлично се привикнуваат на новото живеалиште и нивните негуватели Војо и Маја. Негувателите велат дека е големо задоволство што се први кај нас што се грижат за овој вид птици и ни раскажаа дека секој од нив има посебни карактеристики, како ги хранат и условите во кои живеат.

    „Со носењето на пингвините ја завршуваме приказната за птичарникот во Зоолошката градина, со тоа што мината година ги донесовме тропските птици или фламингата, а сега ги имаме и поларните односно пингвините. Идејата на Зоолошката е да направи компарација од една во друга крајност и буквално ако ги гледате живеалиштата со дрон се како јинг и јанг. Од една страна е розевата, шарена тропска боја, од друга е сината или ладна зона“, вели зоо негувателот Војо Иванов додека го чисти живеалиштето за неговите тројца нови другари во градината.

    Се хранат со свежа риба- ринга и сардина, но парчињата треба да се помали бидејќи пингвините се малечки. (Фото:Ѓ.Личовски)

    Војо и Маја велат дека е предизвик за секоја Зоолошка градина особена за некоја на Балканот да ги има овој вид птици бидејќи бараат прецизност, точност, хигиена, специфична риба со посебни димензии и додатоци во исхраната. Се хранат со свежа риба- ринга и сардина, но парчињата треба да се помали бидејќи пингвините се малечки.

    „За првпат ни е доверена птица која е во категоријата на загрозени видови. ЕАЗА ни доделува вид кој сега ние треба да го размножиме со идеја да се спасат. За разлика од порано кога сме добивале истополни животни, возрасни животни, животни од траума како слоновите кои живееле во циркус, сега со пингвините и фламингата добивме размножувачка точка. Со втората тура која наредниот месец ќе стаса од Русија ќе добиеме уште 6 млади пингвини и таму ќе има и женки“, додава Иванов.

    Откако беа донесени пингвините на социјалните мрежи имаше голем број коментари ‘дали се оригинал‘, ‘кога ќе бидат донесени вистински пингвини’, за што Војо вели дека и лично тој добивал такви прашања бидејќи луѓето мислат дека овие птици живеат само на северен пол.

    „За жал не посветивме во минатото многу време за едукација. Постирајќи неколку пати информација дека ќе имаме пингвини, сите прашуваа како животно кое што живее на северен пол ќе преживее тука. Не се сите пингвини од северен пол и не живеат сите пингвини на санти лед. Повеќето живеат на јужната хемисфера во Јужна Америка, Јужна Африка, Австралија и Нов Зеланд“, вели Војо, додавајќи дека Скипер, Прајват и Ковалски се  јужноамерикански хамболт пингвини, кои можат да живеат и на повисоки температури.

    Поради специфичните услови кои ги бараат пингвините, зоо негувателите мораат да внимаваат постојано на надворешната температура, врнежи на дожд и снег, колку ќе се качи или спушти температурата навечер.  Ако падне под 5 степени мора да се затворат во внатрешното живеалиште, ако се качи над 25 пак мора да бидат во ладна соба. Војо и Маја велат дека летниот период е попроблематичен поради можна појава на маларија. Многу често комарци носат болести на кои пингвините можат да бидат сензитивни, па заради тоа уште сега се сади лаванда, се набавуваат вентилатори и специјални УВ ламби кои ќе ги бркаат комарците.

    А. АНТЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира