Главниот град Скопје е затрупан со ѓубре и претворен во депонија. Сите контејнери низ градот се преполни, а купишта смет има на тротоарите и на улиците. Со недели не се собира ниту ѓубрето од кантите од куќите.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска не кажува каде е точно проблемот и зошто не се собира ѓубрето, ниту има соопштение од ЈП „Комунална хигиена“ каде директор е Сабахудин Рустеми, кој е петти директор поставен на чело на оваа функција од Арсовска.
Данела Арсовска на локалните избори во 2021 година беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ. Мнозинството во Советот на Град Скопје го има ВМРО-ДПМНЕ. Претседател на Советот на Град Скопје од ноември 2021 до мај годинава беше Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ, кој сега е гувернер на Народната банка. Новиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на главниот град Орце Ѓорѓиевски, кој е актуелен градоначалник на Општина Кисела Вода викендов, на промоцијата на неговата кандидатура рече дека тој сигурно ќе стане градоначалник и во првите 72 часа ќе спроведе генералка.
Арсовска на својот фејсбук профил напиша дека во Управниот и Надзорниот одбор на претпријатието се кадри на ВМРО-ДПМНЕ и дека тие се причина зошто се кочи работата на претпријатието.
А. АНТЕВСКА