СКОПЈЕ ЌЕ ДОБИЕ ЗАБАВЕН ТЕМАТСКИ ПАРК ШТО ЌЕ ГО СТАВИ НА ТУРИСТИЧКАТА МАПА НА РЕГИОНОТ, КАЖА ШИЛЕГОВ НА ПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА ПРОЕКТОТ

    СКОПЈЕ ЌЕ ДОБИЕ ЗАБАВЕН ТЕМАТСКИ ПАРК ШТО ЌЕ ГО СТАВИ НА ТУРИСТИЧКАТА МАПА НА РЕГИОНОТ, КАЖА ШИЛЕГОВ НА ПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА ПРОЕКТОТАвторот на студијата Франко Барцани кажа дека паркот ќе има 24 реквизити и ќе биде наменет за цело семејство (Фото: К. Попов)

    Скопје во средината на наредната година треба да добие забавен тематски парк, што ќе го стави на туристичката мапа на регионот и пошироко. Ова го најави градоначалникот Петре Шилегов на презентацијата на проектот, што ја водеше авторот на студијата Франко Барцани од италијанското архитектонско студио „Баса“, кое повеќе од 40 години дизајнира вакви паркови.

    Со површина од 26.000 квадратни метри, се проценува дека паркот годишно ќе има околу 300.000 посетители, не вклучувајќи туристи.

    „Вакво нешто нема во радиус од 250 километри. Градот ја доби студијата бесплатно благодарение на мои лични долгогодишни релации. На моја молба, пред шест месеци во Скопје дојдоа претставници на италијанската фирма и направивме обемна анализа. Очекувам студијата да биде прифатена на наредната седница на Советот на Град Скопје, со цел во текот на јуни да ја почнеме постапката за проектирање и набавка на реквизити, за да можеме да го отвориме паркот до средината на идната година“, рече Шилегов, нагласувајќи дека при изградбата на паркот нема да настрада ниту едно дрво или зелена површина.

    Тој не можеше да каже колку точно ќе чини паркот, што, како што рече, ќе стане појасно откако ќе почне постапката, но Барцани во своето излагање спомна дека проектираниот буџет е околу 11,7 милиони евра.

    „Паркот ќе има 24 реквизити, вклучувајќи го и популарниот ролер костер. Овој парк ќе биде наменет за цело семејство. Всушност, 80% од паркот ќе биде детско-семејна област, а останатите 20% ќе биде адреналински дел, за оние кои бараат поголеми возбудувања. Тој ќе содржи и паркинг од 11.000 квадратни метри, ресторани, продавници, тоалети, театар со 200 седишта, фонтани, како и своја внатрешна инфраструктура за лесно снаоѓање“, кажа Барцани.

    И тој смета дека Скопје со паркот добива нова туристичка атракција.

    „Скопје не е Њујорк, па да гради парк од типот на Дизниленд. Мислам дека ова е добар проект и соодветен за Македонија“, рече Барцани.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира