На 26 јули во 5.17 часот Скопје било разурнато од земјотрес од 9 степени по Меркалиевата скала, односно магнитуда од 6,1 степени и длабочина од 5 до 7 километри. Главниот потрес траел 20 секунди, а помали потреси имало до 5 часот и 43 минути. Под урнатините загинаа 1.070 жители, а биле повредени над 4.000. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Во земјотресот беше разурната тогашната железничка станица, а денеска Музеј на град Скопје, а стрелките застанаа и оттогаш го покажуваат времето кога ќе се случила катастрофата, 5 часот и 17 минути.
Со помош од 87 земји Скопје по катастрофата, по урнек на проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски повторно почна да се гради. Населбите кои тогаш беа изградени во налетот на масовното и непланско градење целосно го сменија својот лик. Градоначалникот Петре Шилегов на одбележување на 55-годишнината од земјотресот со враќање на буквите од пораката на Јосип Броз Тито на источната страна на Музејот на град Скопје, го најави новиот концепт на креирање на градот наречен „Скопје урбан центар“, кој ќе го предводи Асоцијацијата на архитекти на Македонија, и треба да овозможи хумани услови за живеење, кои сега во голем број населби во Скопје ги нема.
Градоначалникот Петре Шилегов, во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК по повод 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес, вели дека идејата на „Скопје урбан центар“ е архитекти да работат на десетина нови локации на северниот прстен на градот кои ќе го намалат притисокот и урбанистичкиот хаос на јужниот дел.
– „Скопје урбан центар“ е приказна поголема од градоначалникот на Град Скопје. Концептот и замислата е дека треба да биде стручно тело составено од урбанистичката елита на нашиот град, со цел да се создаде оставина во урбанистичкото планирање која треба да биде репер и основ како треба да се развиваат деловите од градот кои сега се неурбанизирани, а со цел условно кажано да ги врземе рацете на луѓето кои ќе дојдат после нас да направат лакрдија од урбанизмот и да го развиваат односно неразвиваат градот по принципот ‘нацртај ми маркица овде‘. Поентата е да во десетте делови што се предвидени во Генералниот урбанистички план (ГУП) што уште не се урбанизирани, архитектите да создадат доволно квалитетен материјал во урбанистичка смисла што ќе биде појдовна точка за идното урбанизирање на градот. Мојата идеја е дека тие треба да бидат творци на субмастер планот за урбанизмот или таа оставштина и за 30 години уште да виси над градоначалниците на Скопје. Творештво на македонската урбанистичка елита да не може да биде заборавена при урбанизацијата односно градењето на тие делови на градот“.
Архитектите ќе ги нацртаа овие неурбанизирани делови на градот, но како ќе ги натерате граѓаните, па и инвеститорите да се преселат од јужната на северната страна на градот?
– Ние ќе отидеме пред граѓаните таму со изградба на северниот прстен, во завршна фаза е постапката за пробивање на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, во август почнува изградба на булеварот Босна и Херцеговина, следната година ќе го продолжиме булеварот Словенија која сега завршува во нива и преку Злокуќани и Бардовци ќе завршува во Волково, работиме и на проектот тунелите под Кале. Кога ќе ја воспоставите инфраструктурата тогаш овозможувате да започне развојот на тие подрачја кои сега се неурбанизирани, а Градот години пред мене ги има предвидено како места кои ќе треба да бидат резиденцијални за живеење. Впрочем неводењето сметка за развојот на нашиот град и немањето на основна инфраструктура во овој дел ги принуди луѓето својот дом да го бараат на десната страна додека левата секогаш била запоставена и на крајот добивме производ каде што имате неразвиена лева страна на Скопје и пренаселена или преурбанизирана, во секој случај нехумана за живеење десна страна на Вардар. Се упропастија населби како што е Кисела Вода, Аеродром, населби во Карпош, оти преголемата градба ги направи тие места од место каде што пристојно можеше да се живее, во места каде што нехумано се живее. Вашиот сосед од неговата дневна соба гледа во вашата дневна соба оти зградите се начичкани една до друга. За мене тоа е неприфатливо. Имам можност, имам чест, фала богу имам и жалба овој град да се развива онака како што го зацртале пред повеќе од 50 години многу попаметни луѓе од мене како градоначалник, но и од моите претходници, кои за жал не сторија ништо Скопје да ја добие својата развојна компонента.
Често велите дека не сте задоволни од хигиената во градот и дека Скопје во минатото било третирано како несакано дете. Зошто во 2018 година Скопје е валкан град?
– За жал Скопје е град кој немал стратегија. Кога ќе се родите во овој град и живеете скоро половина век во него и ја знаете секој коцка, секоја дупка а ги има многу, тогаш гледаме сите ние како градот полека ни умира во фигуративна смисла на смисла на зборот. Скопје не се разви или не го доразви потенцијалот кој што самиот град го нуди. Во 21 век, во 2018 години не беа поставени основите на Скопје смарт сити, да не зборувам за дигитализирана градска администрацијата, која сè уште работи мануелно наместо условите да ги дава електронски. Светлото не е дигитализирано, да не правам муабет дека кога е комуналниот отпад во прашање ние сме децении, децении наназад како концепт, ако воопшто можеме да збориме за концепт оти овој град сеуште употребува евтини пластични или лимени контејнери кои во себе немаат инфраструктура да можете да креирате политика на комунален отпад. Контејнерите секаде во светот важат за урбана опрема само кај нас се повик ‘валкајте го градот“. Ниту еден контејнер не се затвора, визуелно може да го гледате ѓубрето на сите страни, па вие со начинот на кој ги поставувате контејнерите и тој тип на контејнери ги повикувате граѓаните да го валкаат градот.
Како ќе го смените тоа и кога?
– Есенва ќе купиме поголем број современи контејнери, ќе бараме да бидат со чипови. Есенва ќе оди тендерот за смарт сити и смарт лајтинг, па во него ќе има основа тие контејнери да бидат дел од комуналната политика која Градот ќе ја креира во периодот што ни следи. Тоа е многу едноставно решение кои постои секаде во светот, самиот контејнер покажува до каде е полн и кога треба да се испразни за да може да ја рационализирате услугата на подигање на смет, услугата на претпријатието да ја направите поевтина и да заштедите пари. Ете таков вид на работи кај нас не се случувале иако зборуваме за период на сериозна дигитализација во светот која се одвива последниве 20 години, а ние сме сè уште некаде 1970 година кога е комуналниот отпад во прашање.
Пред неколку недели поставивте нови клупи и корпи за отпадоци во Градскиот парк, но за два дена дел од клупите беа исшарани, корпите уништени. Диви депонии има насекаде, ѓубре и други материјали се палат секојдневно. Каде се комуналните инспектори и редари на Градот кои според Законот за јавна чистота може да казнуваат. Зошто не казнувате?
– Имаме некои чудни навики, веројатно оставина од лошите периоди и општество на лажни вредности. Животната средина е должност на Градот но е право и обврска на секој граѓанин. Од друга страна јас како човек имам поинаква доктрина, не можете да барате определно поведение, а во исто време да не им ја понудите соодветната инфраструктура за такво поведение. Град Скопје на пример има 1.930 корпи за џебен отпад од кои добар дел се неупотребливи, дел од постапката е набавка на 1.000 нови. Логично некои луѓе ќе си го стават ѓубрето во џеб и ќе чекаат да дојдат до првата корпа да го фрлат, но голем дел бидејќи не гледаат корпа околу себе ќе го фрлат на улица. Прво да ги исполниме перформансите на Градот во однос на нудење можност на граѓаните, а потоа ќе биде санкционирано несоодветното поведение. Тоа е нешто што е да ужасно тешко, макотрпно, но мислам дека е стратешки исправно и е дел од стратегијата што овој град ја немал. Кога ќе им понудиме такви опции на граѓаните и тие свесно или несвесно ќе сменат дел од своето поведение и тогаш ќе имаме целосно право да ги санкционираме несовесните кои што ѓубрето го фрлаат кој кај стигне.
Го чистите каменот на кејот на реката Вардар. Ќе го видиме ли целиот Кеј од Влае до Аеродром со уредено корито, без дрвја и вегетација?
– Уште пред да станам градоначалникот се прашував како може да дозволиме каменот кој му го дава ликот на кејот да не се гледа, да е покриен со треви, вегетација, па и дрвја да почнат да растат во него. Знаеме сите како треба да изгледа кеј на река која што тече низ главен град и често кога ќе замине човек надвор, кога ќе види како се уредени кејовите се прашуваш зошто тоа не се случува и кај нас. Ова е прва сезона што како градоначалник имам можност да работам на кејот иако водостојот е уште висок и сметам дека стандардот на светските градовите и европските кејови треба да биде реперт за состојбата на нашиот. Нешто што не е правено од раните 70-ти години кога овој кеј е довршен, ние го правиме сега.Секој ден макотрпно работиме и многу луѓе се изненадени што гледаат камен кој што е всушност тоа што се нарекува кеј на Вардар и регулацијата што е направена после поплавата во 1962 година. Се чисти машински и рачно, а кога ќе заврши чистењето ќе се фугира околу делот околу камењата со цел да спречиме вегетација и следниве 10 години градоначалниците во Скопје да немаат проблем со кејот.
На вашиот Фејсбук профил после објавување на слика од проблемите но и активностите на Град Скопје ставате хаштаг Сакај го Скопје. Зошто? Мислите дека граѓаните не го сакаат Скопје?
-Скопје е наш дом, Како што имаме љубов кон својот дом, така треба да развиеме љубов кон нашиот голем дом наречен Скопје. Дел од луѓето го доживуваат, дел не го доживуваат така. Јас и оние критички или критизерски осврти од некои луѓе сакам да го протолкувам како нивна грижа за нашиот град. Не знам, јас сум во позиција како градоначалник да бидам прв човек на овој град, и сакам она што го чувствувам кон овој град да го кажам. Скопје е местото каде што го имам поминато целиот свој живот и планирам да продолжам да живеам тука. И мене не ми е сеедно каква е состојбата во Скопје, кој е најубав град во свет. Некогаш кога живеете во актуелни моменти или актуелна средина не ја приметувате убавината на таа средина зошто ви е секојдневие, а на истите или слични работи кога ќе излезете надвор од градот се воодушевувате. Сметам дека секој од нас треба да посвети внимание на својот град и да го сака како што го сака својот дом, и така ќе го направиме поубав за живеење. Тоа ќе придонесе да се сакаме повеќе меѓу себе, како што дома си ги сакаме своите блиски. Ние сме сите скопјани и најмалку што би требало е да се почитуваме едни со други.
А. АНТЕВСКА