СКОПСКАТА САЛА „ПАРТИЗАН“ ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ВО ОКТОМВРИ, ЗАВРШЕНА Е ФАСАДАТА И СЕ РАБОТИ НА ВНАТРЕШНОСТА, ВЕЛИ МОЈСОСКИ

    СКОПСКАТА САЛА „ПАРТИЗАН“ ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ВО ОКТОМВРИ, ЗАВРШЕНА Е ФАСАДАТА И СЕ РАБОТИ НА ВНАТРЕШНОСТА, ВЕЛИ МОЈСОСКИСалата „Партизан“ повеќе од 20 години не функционираше и беше распатната и затрупана со шут и ѓубре. (Фото: АМС)

    Култната сала „Партизан“ во скопски Карпош ќе биде готова и пуштена во употреба во октомври, најавува директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски. Досега е извршено расчистување на градежниот шут со кој беше затрупан објектот со години, реконструирани се кровните површини со замена на нов термоизолационен кров и нови олуци. Во внатрешниот дел изведени се нови преградни ѕидови, нови санитарни јазли, а поставена е и нова водоводна и хидрантна инсталација. Поставени се термоизолациски прозори и фасадата е целосно завршена.

    „Во наредниот период предвидено е да се изведат останатите работи односно поставување кошулица, молерисување на ѕидовите, поставување плочки и санитарија во тоалетите, поставување врати, електрика и уредување на надворешноста околу објектот. Во октомври очекуваме објектот да биде готов и пуштен во употреба, со што повтроно ќе се врати сјајот на некогашната култна сала“, вели директорот Мојсоски.

    Агенцијата за млади и спорт почна да ја прави салата „Партизан“ лани во април. Реконструкцијата ќе чини 1,1 милион евра кои се обезбедени од Владата, а изведувач на градежните работи е фирмата „Спектартермо“.

    Салата „Партизан“ повеќе од 20 години не функционира и со години стоеше распадната, запуштена, искршена, полна со ѓубре и отпадоци. САКАМДАКАЖАМ.МК во јануари 2019 алармираше за состојбата на салата, по што тогашниот градоначалник Стефан Богоев најави нејзина реконструкција и враќање во употреба. Беше избрано идејно решение од архитекти од Шпанија и Бразил кои го донираа проектот на Општината.

    Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ или позната кај скопјани како „Партизан“ е изградена во 1969, како донација на француската влада за обнова на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963.

    Проектот за салата е на архитектот Трајко Димитров кој почина вчера на 92 години.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира