СКОПСКИ „ГРАДСКИ ПАРКИНГ“ ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ ПАРКИНГОТ НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО СИ ГО БАРА НАЗАД

    СКОПСКИ „ГРАДСКИ ПАРКИНГ“ ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ ПАРКИНГОТ НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО СИ ГО БАРА НАЗАДПред неколку месеци заврши договорот потпишан во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски, со кој Владата го даде паркингот на стопанисување на Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“. (Фото: СДК.МК)

    ЈП „Градски паркинг“ во Скопје ќе остане без најголемиот паркинг со кој стопанисува, оној во рамките на Клиничкиот центар. Договорот кој беше потпишан во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски, со кој Владата го даде на стопанисување на Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“, пред неколку месеци е завршен.

    Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, од Службата за општи и заеднички работи на Клиничкиот центар доставиле барање тие да го преземат управувањето на паркирањето бидејќи станува збор имот во рамките на клиниките. Ваквото барање преку Министерството за здравство е предадено во Владата и сега се чека на владина одлука.

    Од Владата потврдуваат дека е стигнато барање од Министерството за здравство за преземање на паркингот на Клиничкиот центар.

    „До Владата е доставено барање од Министерството за здравство за давање на стопанисување, користење и одржување на паркинг во комплекс клиники ‘Мајка Тереза‘ на Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи. Владата на 127 седница го одложи разгледувањето на  барањето и ги задолжи Министерството за здравство, Министерството за транспорт и врски и Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи да подготват и да достават соодветен усогласен предлог за надминување на ова прашање“, велат од Владата.

    Ако Клинички центар го добие паркингот, тогаш најверојатно ќе се даде на стопанисување на приватна фирма, како што беше пред да го преземе „Градски паркинг“, бидејќи клиниките не вршат дејност паркирање.

    Министерот Фатмир Меџити, кој пред два месеца стапи на функција, на брифинг со новинарите рече дека прво ќе се фати за решавање на хаосот со паркирањето на Клиничкиот центар.

    Преземањето на паркингот ќе се одрази лошо на работењето на градското претпријатие оти ќе остане без најголемиот паркинг, кој му носи најмногу пари. Според податоците на претпријатието, дневно на Клинички центар влегуваат и излегуваат околу 4.000 возила.

    Паркингот на Клинички центар има околу 800 паркинг места, а еден час паркирање чини 25 денари.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира