Паркирањето кај поранешно Беко во стргиот центар на Скопје нема да поскапи, останува старата цена од 50 денари за час. Откако вчера екипите на ЈП Градски паркинг поставуваа нови табли со новата цена од 100 денари за првиот час, а секој нареден по 50 денари, утрово се враќат старите табли и старата цена.
„Управниот одбор на претпријатието одлучи засега да остане старата цена, односно да нема поскапување”, вели директорот Борче Јакимовски.
Јакимовски вчера ни изјави дека поскапувањето е бидејќи овој паркинг е во строгиот центар, а има многу гужба, и за да се натераат граѓаните да се паркираат во катната гаража отспротива каде еден час чини 30 денари.
Лани во декември за пет денари поскапеа сите зонски паркинзи со кои стопанисува јавното претпријатие Градски паркинг. Еден час паркирање во зона А наместо 45 чини 50 денари, во зона Б наместо 35 е 40 денари, додека во зоните Ц и Д од 25 поскапе на 30 денари. Нова цена имаат и месечните паркинг карти во катните гаражи за вработени и фирми кои гравитираат околу паркингот. Наместо 1.000 денари, цената од декември лани е 2.000 денари.
А. АНТЕВСКА