Голем дел од скопските средношколци доцнат на настава наутро, оти нема автобуси. Повеќето добиваат неоправдани изостаноци, затоа што дел од професорите не ги интересира од која причина не можат да стасаат на време на училиште.
„Ќерка ми е учи во училиште во Центар. Наставата почнува од 7.30 часот. Се случува и по еден час да чека автобус наутро и да не дојде, токму во времето кога е најстудено надвор, па да задоцни на настава и да добие неоправдан. Затоа, речиси секое утро ја возам до училиште“, ни рече една мајка на 16-годишна средношколка од Скопје.
За овој проблем се разговара и на родителските состаноци. Родителите велат дека има толерантни професори, а тоа се најчесто оние кои користат јавен превоз па го разбираат проблемот. Има и такви кои не разбираат па на децата им ставаат неоправдан, и им велат: „Ако можам јас да стасам на работа, можеш и ти на училиште“.
Од Министерството за образование велат дека не е регистрирано зголемување на бројот на изостаноци во средните училишта.
„Педагошка евиденција водат наставниците и според податоците за изостаноци на средношколците кои се внесени во електронскиот дневник од почетокот на оваа учебна година, не се забележани отстапувања од податоците кои го покажуваат просекот од истиот период во претходната учебна година“, велат од Министерството за образование.
Скопје нема редовен автобуски превоз веќе трета година, односно откако на градоначалничката функција е Данела Арсовска. За в петок жителите на Шуто Оризари најавија протест пред канцаларијата на Арсовска . Откако приватните превозници престанаа да возат оти Арсовска не им плаќа, автобуси на линијата 19 не возат и со тоа оваа скопска општина е отсечена од градот. Според последниот попис од 2021, во Општина Шуто Оризари има 25.726 жители.
А. АНТЕВСКА