Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска бара претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ веднаш да си поднесе оставка. По денешната седница на која на дневен ред беа советнички прашања, но не се поставуваа поради кавгите за микрофон меѓу Арсовска и Славески, од Град Скопје велат дека „Советот не смее да биде оставен во рацете на човек кој нема основни морални и етички прерогативи“.
„Скопјани не се должни на сопствена штета да трпат последици поради хировите на еден човек кој има една, единствена и основна задача – воведување на едноумие по примерот на неговиот политички ментор – Христијан Мицкоски. Затоа, од сечија корист би било г-дин Трајко Славески да си поднесе неотповиклива оставка од функцијата, со цел да се спречи блокирањето на функционирањето на Градот и јавните претпријатија. Ова е смислена хајка поради политичката нетрпеливост и поради потребите на пиар тимот на Христијан Мицкоски. Недозволиво е, граѓаните на градот Скопје поради потребите на оваа политичка групација која институционално но и вон-институционално прави сѐ да прикаже „неспособност“ на градската администрација, тоа да го прави на штета на Скопјани“, се вели во соопштението од Град Скопје.
- АРСОВСКА ГО НАРЕЧЕ СЛАВЕСКИ ХИТЛЕР И КРАДЕЦ, ТОЈ Ѝ РЕЧЕ ДЕКА СЕДИ ВО МАГАРЕШКА КЛУПА И ЈА ИЗБРКА
-
АРСОВСКА ВИКНА ПОЛИЦИЈА ЗАШТО СЛАВЕСКИ Ѝ ГО УКРАЛ МИКРОФОНОТ
Арсовска против Славески поднела итна претставка до Министерството за локална самоуправа и Инспекторатот за локалната самоуправа поради тешки прекршувања на Уставот, Законот за локална самоуправа и Деловникот на Град Скопје.
И Славески на седницата најави дека ќе поднесе претставка против Арсовска до Инспекторатот бидејќи му е оневозможено да работи според Деловник.
Арсовска и Славески денеска се навредуваа и караа откако трета седница по ред му е одземена можноста да го исклучува микрофонот на говорницата во Советот. Славески рече дека тоа е недопустиво и затоа го зема микрофонот од говорницата и им рече на советниците да зборат од место, а градоначалничката да дојде на своето место, а не да седи во магарешка клупа. Арсовска после ова си постави подвижен микрофон кој никој не може да ѝ го исклучи, па не само од говорницата туку и шетајќи се низ салата се кааеше со Славески, нарекувајќи го Хитлер, деспот и крадец.
А. АНТЕВСКА