Четири хемиски боеви гранати со голема смртоносна моќ пронајдени се изминативе 8 месеци во Битолскиот и Преспанскиот Регион. Деновиве, на армискиот полигон Криволак беа уништени две хемиски гранати пронајдени во ниви во битолските села Крклино и Кременица, а пред осум месеци беа пронајдени уште две такви на брегот на Преспанското Езеро, кои исто така беа уништени во Криволак.
Од Дерекцијата за заштита и спасување (ДЗС) предупредија дека овие гранати се многу смртоносни и гасот што го содржат убива сѐ наоколу, па граѓаните мора да внимаваат.
„Се работи за исклучително смртоносни гранати со смртоносен гас кој убива сѐ околу него неколку стотици метри наоколу. Теренот е безбеден дури по 72 часа. Се работи за нехумани боеви отрови кои потоа биле забранети со меѓународни конвенции. Биле испукани преку цевка од артилериско оружје и нивните запалки се во армирана положба. Едната била пронадена при орање нива, била закачена по запалката, но за среќа не дошло до нејзино активирање“, рече директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
Гранатите имаа форма на стаклено пивско шише со горен дел тенок како инка. Содржеа мала количина експлозив доволен да ги распрска.
Пиротехничарот од Битола, Ѓорги Стефанов, појасни дека оваа гранатата нема силна експлозија туку шири отровен реагенс во околината кој најчесто предизвикува изгореници на кожа, бели дробови и очи, а понекогаш го парализира и сетилото за мисира, па опасноста не се чувствува.
Битолскиот крај е ендемично подрачје по наоѓање неексплодирани убиствени средства од Првата светска војна зашто оттука минувал Солунскиот односно Македонскиот фронт во Првата светска војна. Количина од 12.300 гранати пред пет години беше откриена кај стадионот во Битола. Во април годинава, при ископ на приватна парцела сместена во поранешната касарна во Битола беа откриени 1. 067 неексплодирани убиствени средства од Првата светска војна – рачни бомби, минофрлачки гранати 60 мм и гранати 50 мм кои се поставуваат на тромблон.
Пиритехничарите имаат полни раце работа, но во Македонија останаа само уште двајца, едниот од Битола, другиот од Штип, кои мора да ја покријат цела територија во зависност од повиците за откопување бомби што ги добиваат. Претходно имаше обуки од американски експерти, но со укинувањето на помошта и фондовите од САД, обуките се укинаа. Од Дирекцијата за заштита и спасување најавија дека се бараат начини за да се обезбеди кадар.
„Ги повикувам потенцијалните кандидати кои имаат соодветни сертификати за отстранување, пренос и уништување на експлозивни средства да дојдат да поразговараме, ќе се најде работно место. Во следниот период ќе имаме владина процедура во која ќе се обидеме да направиме селекција на заинтересирани кандидати, бидејќи законските решенија не се најпогодни за вистински избор. Ние по вработувањето ги праќаме на обука која трае една и пол до две години, се случува дел до кандидатите да се откажат од најразлични причини, дел да не ги положат најопходните тестови. Затоа инвестирањето во вакви кадри не е едноставно“, рече Ангелов на 26 април при посетата на Битола.
Тој тогаш додаде дека веќе разговарал и со 4 пензионирани пиротехничари преку договор на дело да се вклучат во отстранување на неексплодирани убојни средства. Рече дека платата на пиротехничарите е двојно зголемена, а дека е започната и процедура за за набавка на специјално транспортно возило или прилагодување на постоечките да ги исполнуваат минималните безбедносни стандарди за пренос на вакви опасни средства.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



