СО 100.000 ЕВРА ОД ЕУ ЌЕ СЕ РЕНОВИРА ГЕРИЈАТРИСКОТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО ДОМОТ ЗА СТАРИ ЛИЦА ВО КУМАНОВО

    СО 100.000 ЕВРА ОД ЕУ ЌЕ СЕ РЕНОВИРА ГЕРИЈАТРИСКОТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО ДОМОТ ЗА СТАРИ ЛИЦА ВО КУМАНОВОДомот ќе добие целосна реконструкција на Геријатриското одделение, како и нова опрема. (Фото: СДК.МК)

    Одделението за геријатрија во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово, ќе се реконструира и ќе се опреми со средства обезбедени од Европската унија, преку проект за прекуграничка соработка со Врање, Република Србија. Проектот „Премостување на границите – заедно за утре“ е партнерски проект помеѓу двете институции и две невладини организации, „Порака наша“ од Куманово и Едукативен центар од Лесковац.

    Вкупниот буџет на проектот е 402.336 евра, од кои 85 отсто ги обезбедува Европската унија. Со тие пари е предвидена реконструкција на Домот за стари лица во Куманово и Центарот за унапредување на социјалната заштита во Врање, како и за активности за унапредување на квалитетот на животот на корисниците. Проектот ќе трае 24 месеци.

    За реконструкцијата у опремување на одделението во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ предвидени се близу 100.000 евра.

    „Нашиот дом ќе добие целосна реконструкција на Геријатриското одделение, како и нова опрема. Исто така, ќе се обезбеди и техничка помош која се состои во компјутери и лаптопи, за потребите на корисниците и вработените. Преку овој проект ќе се добијат поквалитетни услуги, што е од големо значење за нас како институција. Ние имаме 60.000 евра за реконструкција, 20.000 евра за опрема на просториите и 15.000 евра за компјутерската техника“, кажа Александар Крстевски, директор на „Зафир Сајто“.

    Домот има капацитет за 180 корисници, а триесетина се на Одделот за геријатрија.

    Центарот за социјална заштита на Врање, е исто така ќе добие близу 100.000 евра, а ќе се искористат за реновирање на кровот и обезбедување на компјутерска опрема.

    С. НИКОЛИЌ

    „Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира