Со два дена задоцнување, Град Скопје попладнево воведe бесплатен автобуски превоз како мерка за заштита од високото загадување. Два часa откако САКАМДАКАЖАM.МК постави прашања до Град Скопје и ЈСП зошто не се воведени мерките за кои Владата во саботата донесе препораки, од јавното сообраќајно претпријатие соопштија дека од попладнево се воведува бесплатен превоз.
„Согласно соопштението од Министерствтото за животна средина и просторно планирање за надминување на прагот на алармирање на суспедндирани честички со големина до 10 микрометри, се активира мерката бесплатен јавен превоз. Мерката започнува да се применува од 26.12.2022 па се` до завршување на алармантната состојба, што ќе биде објавено од надлежното Министерство согласно резултатите од државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух“, велат од ЈСП.
Од Град Скопје се` уште не соопштиле дали на сила стапуваат и другите мерки кои се во нивна надлежност, како што е дупло поскап паркинг, прекинување на градежни работи кои ги врши Градот, зачестени инспекциски контроли и слично.
Владата во саботата донесе мерки и препораки за заштита на здравјето на граѓаните согласно информацијата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), дека квалитетот на воздухот во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум, односно 150 μg/m3 среднодневни концентрации на ПМ10 честички. Во неделата мерки поради високо загадување беа воведени и во Гостивар.
Попладнево поради намалување на загадувањето мерките беа укинати во Гостивар, Кичево и Кавадарци.
А. АНТЕВСКА