СО ЕДЕН КУРШУМ РАНИЛ ДВАЈЦА, НА ПОЛИЦАЕЦ МУ ПУКНАЛ ПИШТОЛОТ ДОДЕКА ИГРАЛ ФУДБАЛЧЕ ВО ФЛИПЕРНИЦА

    СО ЕДЕН КУРШУМ РАНИЛ ДВАЈЦА, НА ПОЛИЦАЕЦ МУ ПУКНАЛ ПИШТОЛОТ ДОДЕКА ИГРАЛ ФУДБАЛЧЕ ВО ФЛИПЕРНИЦАНастанот се случил во флиперница во Вејце, кога осомничениот заедно со двајца пријатели, сега оштетени, играле столен фудбал. (Фото: Јутјуб)

    Во Секторот за внатрешни работи Тетово вчера околу 23 часот и 30 минути било пријавено дека во Клиничката болница Тетово биле донесени Ф.В.(26) и А.Х.(22), двајцата од село Вејце, Тетовско, кои имале повреди од пиштол. Од Основното јавно обвинителство Тетово соопштија дека настанот се случил во флиперница во Вејце, кога осомничениот заедно со двајца пријатели, сега оштетени, играле столен фудбал. Притоа, велат од обвинителството, осомничениот го извадил пиштолот од појасот за да не му падне и сакал да го префрли на другата страна.

    „Во тој момент бил испукан еден куршум во правец кон двајцата оштетени. Со куршумот бил погоден еден од оштетените во вратот, а потоа и лицето кое стоело зад него во пределот на градниот кош“, се вели во соопштението на обвинителство.

    По предлог на надлежниот обвинител, Основниот суд Тетово на осомниченото лице му изрече мерка притвор во времетраење од 8 дена.

    Тетовската полиција отишла во селото Вејце, каде се случил инцидентот, и извршила увид.

    „При извршениот увид во објект за видеоигри во село Вејце, сопственост на Ф.Х.(42), била пронајдена чаура со калибар 9 мм и траги од крв. Во 23 часот и 40 минути, во Полициската станица Тетово дошол Н.Х. (25) од село Вејце, полициски службеник кој не бил на работа, при што изјавил дека со неговиот пиштол ги повредил А.Х. и Ф.В. Полицискиот службеник Н.Х. задржан е во полициска станица и за случајот е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и полициски стандарди“ изјави портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

    Двајцата застрелани, поради сериозноста на повредите, од тетовската клиничка болница биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Според болнички извори едниот од ранетите задобил повреди во градниот кош и е во животна опасност, додека вториот поминал со полесни повреди.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира