СО ЕВРОПСКИ ПАРИ ЌЕ СЕ РАЗВИВА ТУРИСТИЧКИОТ ПОТЕНЦИЈАЛ НА БИСЛИМСКА КЛИСУРА

    СО ЕВРОПСКИ ПАРИ ЌЕ СЕ РАЗВИВА ТУРИСТИЧКИОТ ПОТЕНЦИЈАЛ НА БИСЛИМСКА КЛИСУРАКумановскиот градоначалник Максим Димитриевски вели дека со реализација на овој проект Куманово ќе добие уште една туристичка содржина на задоволство на граѓаните, љубителите на природата, туристите и спортистите. (Фото: СДК.МК)

    Со проект преку Североисточниот плански регион (СИПР) ќе се развива туристичкиот потенцијал на Бислимска клисура на реката Пчиња. Средствата во висина од 460 илјади евра се обезбедени преку проектот „Светлина од минатото“ од ИПА програмата за прекугранична соработка на општините Куманово и Дупница во Република Бугарија, а има за цел да го заштити и промовира природното и културно наследство во регионот.

    За проектните активности во Куманово ќе се потрошат 260 илјади евра, а остатокот за потребите на проектот и реконструкција на музејот „Св.Димитриев – Марек“ во Дупница.

    „Една од главните активностите на проектот е реконструкција и опремување на задружен дом во село Пчиња, објект од 200 м2 кој во моментов е руиниран, а кој треба да прерасне во туристичко-промотивен центар на Бислимската Клисура. На приземјето ќе се сместат инфо центарот за посетители, мапи за движење низ клисурата, информации за туристички услуги кои се нудат, галериски простор за презентација на културно и природно наследство, продавница за сувенири и минибар, додека на катот се наоѓаат 2 канцеларии – административен простор на објектот“, изјави Младен Протиќ, директор на СИПР.

    Градоначалникот Максим Димитриевски, вели дека со реализација на овој проект Куманово ќе добие уште една туристичка содржина на задоволство на граѓаните, љубителите на природата, туристите и спортистите, бидејќи Бислимската клисура има потенцијал да прерасне во сериозна регионална и државна атракција.

    Од вкупниот износ на инвестицијата 15 проценти од средствата се обезбедени од Министерството за локална самоуправа. Заменик Министерот Зоран Димитровски, кажа дека оваа клисура не е многу позната на пошироката јавнoст, но таа е бисер, кој може да привлекува многу посетители во регионот и од соседството.

    Како дел од проектот ќе бидат организирани работилници за искористување на културното наследство за развој на туризмот, промоција на културното наследство и развој на виртуелна тура на Бислимска Клисура, дигитализација на културно-историските наследства на двете општини, креирање на веб- страници за музејските и археолошки локалитети, изработка на промотивни туристички спотови за Дупница и Куманово и др.

    За Бислимска клисура преку проект на Швајцарската амбасада и Министерството за локална самоуправа набавени се кајаци, велосипеди и мотори, кои ќе се користат за кајакарење, алпинизам и велосипедизам.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира