СО ГОДИНИ НОЌЕ НИ КРАДАТ ОД ТЕЗГИТЕ И НИКОЈ НИШТО НЕ ПРЕЗЕМА, ВЕЛАТ КУМАНОВСКИТЕ ПАЗАРЏИИ

    СО ГОДИНИ НОЌЕ НИ КРАДАТ ОД ТЕЗГИТЕ И НИКОЈ НИШТО НЕ ПРЕЗЕМА, ВЕЛАТ КУМАНОВСКИТЕ ПАЗАРЏИИПоследното разбојништво се случило ноќеска, кога биле скршени катанците на десетина тезги и од нив биле украдени метални пари (Фото: СДК.МК)

    Пазарџиите од зеленото пазарче на булеварот Октомвриска револуција во Куманово се жалат дека со години нивните тезги се мета на крадци во ноќните часови, а никој не презема ништо да ги заштити. Последното разбојништво се случило ноќеска, кога биле скршени катанците на десетина тезги, при што се украдени метални пари што пазарџиите ги чуваат за кусур.

    „Со години нè крадат. Преку ноќ ќе влезат, ќе ги скршат катанците и ќе земат што сакаат. Вреќа ориз, грав, патлиџани, пиперки, сè што ќе им се најде при рака. Ноќеска ги собрале сите ситни пари што ги нашле во тезгите“, вели пазарџијата Даниел Илиевски.

    Тезгаџиите бараат од надлежните да го заградат горниот дел од оградата, за да не може да се влегува во пазарот кога се затворени влезните капии.

    „Не сме заштитени од никого. Плаќаме за тезгата, плаќаме на УЈП, плаќаме струја, за тоалет, а немаме никакви права. Ние сме тука веќе 20 години, од отворањето на пазарот и отсекогаш било така. За три години, можеби имам штета од 1.000 евра и на никој не му е гајле. Пријавуваме во ‘Пазаришта‘, кај директорот, ама не се презема ништо со години“, додава Јадранка Трајковска.

    Раководителот на пазарот потврдува дека утринава кога дошле на работа затекнале скршени катанци и отворени тезги. Веднаш повикале полиција и извршен е увид.

    „Обиени се десетина тезги од дваесетина колку ги има. Не е украдена стока, туку само ситни пари. И досега имало поединечни случаи, но ова е првпат толку да е масовно. Речиси нема тезга која не е отворена“, изјави раководителот Горан Дамјановски.

    Од ЈП „Пазаришта“ велат дека директорот денеска се сретнал со закупците и во најкраток рок ќе бидат спроведени активности за зајакнување на оградата на реонскиот зелен пазар.

    Закупците кажуваат дека за една тезга плаќаат 50 евра месечно, а во договорот им стои дека не им се гарантира безбедноста на стоката по работното време. Затоа едно време самите се организирале и плаќале чувар во ноќните часови, но сега бројот на тезгите е намален и не се во финансиска можност за тоа. Тие се жалат и дека немаат услови за нормална работа, бидејќи кровот тече, тоалетот не се чисти и хигиената не е на задоволително ниво.

    С. НИКОЛИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари