Согорувањето на биомасата или горењето огревни дрва се најголем загадувач на воздухот во Струмица, покажа едногодишниот мониторинг на квалитетот во воздухот во градот што го направи Универзитетот „Гоце Делчев“ преку лабораторијата „Амбикон“, во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“. Проектот се имплементира во соработка со УНДП, а го финансира шведската амбасада.
Граѓаните треба да дадат предлози на што да се потрошат 340 илјади долари за да се добие почист воздух во Струмица.
„Најголемо учество во загадувањето на воздухот во Општина Струмица има согорувањето на биомасата, која на годишно ниво учествува со 35 отсто и во зимскиот период ги надминува дозволените гранични вредности. Втор извор на загадување е сообраќајот, а другите извори учествуваат со помал процент. Кога велиме соговрување на биомаса, мислиме на согорување на огревните дрва кои не се само од домаќинствата, туку од капацитети кои ги користат за загревање и за произвдоство“, рече Афродита Зенделска, професорока на Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Струмица последниве години е на врвот на најзагадените градови во Македонија. Општината преку субвенции за приклучок на гасоводната межа и користењето гас, изградба на велопатеки, воведување електричен градски превоз се обидува да ги намали штетните емисии во воздухот. Сепак, податоците од мониторингот на штипскиот универзитет покажа дека за проблемот е потребна и соработка со државните институции како што е ЈП Македонски шуми, која треба да врши испорака на суво огревно дрво.
„Ова е предизвик за сите институции вклучително и Македонски шуми за испорака на суво и квалитетно огревно дрво. Веќе сме во разговори од тој аспект. Но, има и еден друг важен сегмент, а тоа е соработката и вклучувањето на граѓаните. Џабе се велопатеки ако не користиме велосипеди и возиме автомобили. Џабе е градски превоз ако не се користи. Еве, нудиме субвенции од 47 илјади денари за приклучување на гасоводната мрежа. Граѓаните треба помасовно да ги користат овие бенефиции“, кажа градоначалникот Костадин Костадинов.
Струмичани преку Форум на заедницата предложија низа мерки со кои треба да се намали аерозагаденоста во градот и населените места, но кои ќе бидат прироритетни за финансирање ќе знае на крајот од идниот месец, кога самите партиципативно ќе донесат одлука за што ќе се трошат парите од шведската амбасада.