СО ЈАПОНСКА ДОНАЦИЈА ВЕЛЕШКАТА БОЛНИЦА ДОБИ РЕНТГЕН АПАРАТ ВРЕДЕН 60 ИЛЈАДИ ЕВРА

    СО ЈАПОНСКА ДОНАЦИЈА ВЕЛЕШКАТА БОЛНИЦА ДОБИ РЕНТГЕН АПАРАТ ВРЕДЕН 60 ИЛЈАДИ ЕВРАОпшта болница Велес досега двапати има добиено значајни донации од Јапонија во опрема и апаратура.(Фото: СДК.МК)

    Јапонската амбасада во земјава донираше на велешката Општа болница дигитален апарат за рентген снимање вреден 60 илјади евра. Донацијата е дел од програмата за мали грантови на Јапонската амбасада за поддршка на здравството, образованието и екологијата во земјава. Од 1966, Јапонија во Македонија донирала 8,5 милиони евра за 171 проект.

    „Од септември лани кога беше инсталиран апаратот досега се извршени 16.320 снимања. Тоа ѝ помогна на болницата да се справи со зголемениот број пациенти во пандемијата од ковид-19. Јапонскиот народ е среќен и горд што му помага на македонскиот народ да има подобри здравствени услови“, рече амбасадорот Хиронори Савада.

    Корист од новиот дигитален рентген апарат ќе имаат околу 200.000 потенцијални пациенти од регионот.

    „Новиот апарат е последен збор на дигиталната рентген техника. Тој е со помала зрачна доза, со побрзи и квалитетни снимки и поквалитетен третман на пациентите. Дигитална слика стигнува за пет минути, таа е многу прецизна, со висока резолуција“, кажа примариус д-р Марионка Дејановска, раководителка на Одделението за радиодијагностика.

    Општата болница Велес досега во два наврата има добиено значајни донации од Јапонија во опрема и апаратура. Донирани беа и возила за итната медицинска помош во Здравствен дом, возило за противпожарната единица, беа реконструирани кровот од основното училиште „Блаже Конески“ и простории во три училишта.

    Од минатата недела, болницата има дозвола за да може да го користи и компјутерскиот томограф кој Министерството за здравство го отстапи оти претходниот не работеше околу една година.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира